Во повикот упатен до вработените во МНР се повикуваат дипломатите кои ги исполнуваат законските услови да пројават интерес за да се „добијат сознанија кои дипломати во Министерството се заинтересирани за пополнување на позициите“, а истиот нема обврзувачки карактер.
На прашањето зошто се објавува интерен повик и од кога е оваа пракса, од МНР добивме одговор дека „интерниот повик за пројавување интерес за позицијата вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија, за вкупно 17 амбасадорски места кои се моментално непополнети или се испразнуваат во текот на 2022 година е објавен на внатрешната страница на Министерството, на 18 јануари 2022 година“.
„Целта на интерниот повик за пројавување интерес е преку транспарентен и инклузивен начин да се добијат сознанија и јасна слика за професионалните дипломати во министерството кои ги исполнуваат условите, а воедно се заинтересирани за пополнување на овие позиции“, ни изјавија од МНР, со појаснување дека повикот нема обврзувачки карактер и е дел од менаџирањето со човечките ресурси со кои располага министерството.
Искусни дипломати за МКД.мк велат дека ова е направено на сосема погрешен начин и дека таков пример во светските дипломатии нема. Поранешниот амбасадор Љупчо Арсовски вели дека во неговото 45-годишно искуство колку што ја следи оваа сфера воопшто не сретнал ваков пример.
„Ова е направено на сосема погрешен начин. Ова е чиста фарса и една брзоплета реакција во Министерството за надворешни работи откако власта ги забатали центрите како што се Москва, Вашингтон, Софија, Белград… Или пак можеби е оправдување за она што не е направено досега или сакаат да го покажат како начин на почеток на решавање на проблемот со испразнетите амбасади“, вели Арсовски.
Според него, кога се работи за можни амбасадори од дипломатскиот кадар во МНР, секогаш се знаело кои можат да бидат кандидати, почнувајќи од шефовите на сектори и државни советници кои минале 2-3 скалила во Министерството.
„Во ниту една од земјите во кои сум бил амбасадор не сум прочитал или слушнал за слична постапка“, додава Арсовски.
Слична, но не иста постапка имаше во 2013 година кога Владата на Никола Груевски распиша оглас за пополнување на 18 извршители на функцијата амбасадор и три за позицијата генерален конзул на кој се пријавија над 700 кандидати.
Колку ќе помогне интерниот повик на Министерството за надворешни работи за пополнување на амбасадорските места не се знае, но Владата бара амбасадор за Софија каде што местото е испразнето речиси две години и тоа во услови кога треба да се решава спорот со Бугарија и да се работи на кревање на ветото во ЕУ. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека нема лични фаворити и оти сѐ уште не се знае кој ќе биде амбасадор во Софија, ама му наложил на министерот Бујар Османи да направи список на потенцијали кандидати.
„Она што го побарав од министерот Османи е да направи листа на потенцијални кандидати врз основа на квалификации, врз основа на искуство. Тој треба да направи долга листа, потоа се прави кратка листа врз основа на критериуми и потоа заедно, и нормално претседателот на државата треба да даде свое мислење, да го избереме најсоодветниот кандидат и амбасадор кој ќе не претставува во Република Бугарија“, изјави Ковачевски.
Претходно Османи за бугарска телевизија рече дека за неколку дена треба да се утврди предлог за амбасадор кој ќе биде испратен во Софија.
„Навистина беше пропуст што сиве овие години ние немавме амбасадор таму. Немаме утврдено име. Јас се надевам наредните денови дека ќе имаме веќе еден предлог за амбасадор“, рече Бујар Османи.
И бугарскиот премиер Кирил Петков по средбата со претседателот Стево Пендаровски во Скопје во изјава за бугарските медиуми рекол дека очекува најдоцна за 60 дена Македонија да испрати амбасадор во Софија.
Ж.П.Б.






