понеделник, 8 декември 2025

Македонија не е на дневен ред, но може секој европски министер да покрене дискусија

Објавено на

часот

Сподели

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во телефонски разговор со македонскиот премиер Димитар Ковачевски го поздрави воспоставениот дијалог на ниво на премиери меѓу Македонија и Бугарија и  истакна дека Брисел силно го поддржува овој процес.

Во разговорот таа на премиерот Ковачевски му нагласила дека и самата, но и целата Европска комисија се спремни да помогнат со цел „што побрзо одржување на првата меѓувладина конференција со Република Северна Македонија“.

Висок дипломатски извор од ЕУ, како што информира МИА, оценил дека е видливо отворањето меѓу Македонија и Бугарија, но и дека ќе се бара конкретизација на потезите со цел да може да се отворат преговорите со Македонија, како и со Албанија.

Франција потсети дека им стои на располагање на двете страни (македонската и бугарската) да им помогне да го надминат спорот и да изнајдат решение. 

Министерка во германското Министерство за надворешни работи Ана Лирман во интервју за Дојче Веле истакна дека ЕУ и Бугарија треба да си го одржат ветувањето кон Македонија. Смета дека се многу позитивни и охрабрувачки сигналите од првата средба на македонскиот премиер Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Кирил Петков во Скопје.

Германската министерка која во понеделникот го посети Скопје и која беше прв странски дипломат кој се сретна со новиот премиер Ковачевски и со повеќе владини претставници, смета оти е важно што почнаа разговорите со Бугарија и што се одвиваат во билатерален формат.

„Убав сигнал е тоа што новата македонска и бугарска влада отворено се придвижија. Се надевам дека билатералните теми кои постојат во тој билатерален формат набрзо ќе се надминат. И за мене беше многу важна мојата посета, затоа што се случи веднаш по формирањето на новата влада и тоа му беше првата посета на новиот премиер што покажува колку се добри односите меѓу Северна Македонија и Германија“, истакна Лирман.

Берлин и Брисел се подготвени да го поддржат процесот, но, како што посочи, во најголем дел се работи за билатерален процес.

„Мислам дека и за новата бугарска влада приоритет е да продолжи со сопствената реформска агенда и дека постои желба историјата да им се остави на историчарите“, вели Лирман.

Во пресрет на заедничката седница со Владата на Бугарија на 25 јануари, вицепремиерот Бојан Маричиќ вчера на американската амбасадорка Кејт Брнз ѝ го претставил начинот на кој ќе се формираат и на кој ќе функционираат работните групи во рамки на новиот пристап со Бугарија, од кои, рекол, се очекува да го придвижат процесот за надминување на отворените прашања, но и да бидат добра основа за зајакнување на соработката помеѓу институциите, граѓанскиот и бизнис секторите.

Според договореното меѓу Ковачевски и Петков, формирани се заеднички меѓувладини работни групи за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование. За копретседавачи на работните групи се именувани вицепремиерите и министри од соодветните ресори, а во нив ќе членуваат и претставници на ресорните министерства и соодветните агенции и институции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ