„Владата на Кирил Петков ги продолжува негаторските политики на неоврховизмот кон Република Македонија, додека Владата на Ковачевски, доколку имаше државотворен капацитет, веднаш ќе ја откажеше средбата после срамната изјава на Петков за непостоење на македонско малцинство“, соопштија од Левица.
Како што стои во партиското соопштение, „Владата на Република Македонија има уставна должност да се грижи за правата на Македонците во соседните држави, а за шовинистичките политики на бугарските власти говорат 16 пресуди на Европскиот суд за човекови права за кршење на човекови права на македонското малцинство“. „Лицемерието на европската дипломатија спрема Македонија продолжува, која премолчено го одобрува ваквото брутално кршење на човекови права, додека користи перфидни методи за притисок и уцени врз македонскиот народ“, се додава во соопштението.
На мирниот протест, членовите на Левица со транспарент биле легитимирани од полицијата и задржани повеќе од половина час, што за партијата значи „своевиден притисок од органите на прогонот при изразување на правото на мирен протест“.
„За потсетување, пред само неколку дена, неофашистички групации парадираа сред Скопје со знамиња на Цар Борис, заштитени со придружба од полицијата на Оливер Спасовски“, велат од Левица.






