Списокот, како што вели Ковачевски е готов, но имиња не соопштува.
„Што се однесува до новиот владин состав и ресорите со кои ќе раководи СДСМ, станува збор за тим од нови луѓе, но и докажани кадри од претходната влада кои имале добра реализација и резултати во своите ресори. Од сите нив очекувам максимално посветена работа, остварување на ветеното и фокус на приоритетите од програмата“, изјави Ковачевски во интервју за МИА.
Иако тој не објавува ниту едно име од новиот владин кабинет, според неофицијалните информации речиси извесно е дека Фатмир Битиќи и натаму останува вицепремиер за економски прашања, а Бојан Маричиќ од правда наводно оди на нова функција, вицепремиер за евроинтеграции. Оливер Спасовски веројатно ќе остане министер за внатрешни работи.
Додека Ковачевски најавува изненадувања за министерствата за одбрана, правда и труд и социјална политика, министерските места на ДУИ се осигурани со тоа што јетон Шаќири од Министерството за информатичко општество ќе оди во ресорот образование.
Што се однесува до новиот партнер во Владата, Алтернатива, таа е веќе обезбедена со три министерски места. Стоматологот Беким Сали во здравство ќе дојде на местото на Венко Филипче, Адмирим Алити ќе биде нов министер за информатичко општество и администрација, а Џемаил Чупи ќе биде министер без ресор задолжен за дијаспората.






