сабота, 6 декември 2025

Ковачевски е подготвен да изгради пријателски однос со Петков, но не отстапува за идентитетот и јазикот

Објавено на

часот

Сподели

При првата посета на бугарскиот премиер Кирил Петков на земјава, на 18 јануари, Ковачевски очекува дека со него ќе изгради конкретен и пријателски однос, со реторика меѓу двете држави која ќе биде на високо ниво. Исто така, очекува да ги утврдат основите за натамошните разговори и формите на соработка и напредок, но и ширина на дејствување надвор од строго историски рамки и термини.

„Тоа е предуслов да напредуваме. Зближувањето и соработката меѓу двете земји во сите области од животот е важен предуслов за отстранување на сомневањата и погрешните перцепции. Јас сум подготвен да отвориме нова страница во односите со Бугарија и да изградиме искрено пријателство и подобра иднина за двете земји. Треба да се стиши гласот на омразата. Имаме реално повеќе сличности од разлики како држави и мора да се концентрираме на заедничкиот интерес. Само со ваков пристап ќе бидеме запаметени како лидери кои балканските конфликти ги надминале со европски пристап. Преку политика на взаемно почитување, градење иднина, соработка и компромиси“, вели Ковачевски.

Тој нагласи дека двете земји имаат огромен потенцијал за развивање на конкретна соработка во повеќе области: економија, инфраструктура, туризам, образование и култура, помош во европските интеграции и зближување на нашите народи и граѓани.

Ковачевски вели дека во целиот тој процес не би отстапил од правото на самоопределување и посебниот идентитет и јазик, што е неотуѓиво право на секој народ.

„Затоа во преговорите не можеме да правиме отстапки околу тоа дека сме Македонци од Република Северна Македонија кои зборуваат македонски јазик и имаат посебен идентитет. Тоа е отсликано и во Декларацијата која ја усвои нашето Собрание со поддршка од сите партии“, вели Ковачевски.

Тој најави дека примарен фокус на неговата влада во следните три месеци, како што посочи ќе биде ставен на нашиот одговор на енергетската криза, а веќе е подготвен и план. Тој лично во кризата гледа шанса конечно како држава да направиме енергетска транзиција и да фатиме нов правец за енергетска самостојност и самоодржливост.

За да се постигне економска ефикасност, најави дека како влада започнуваат бескромпромисна војна против криминалот и корпуцијата.

На обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски дека нема легитимитет, Ковачевски одговара дека тие не биле добро запознаени со Уставот и законите. „Новата влада не само што има легитимитет, туку има проширено и стабилно мнозинство во Собранието. Оттаму, Владата има полн легитимитет да ги носи сите одлуки и ја спроведува владината програма. Ваквите обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ се само недостиг на други аргументи против мене, исто како и сите пропратни невистини во нивните секојдневни соопштенија. Мене тоа воопшто не ме загрижува, сега сум целосно фокусиран да прикажеме резултат“, изјави тој.

Притоа додава дека секогаш ќе подавал рака.

„Иако сме политички опоненти не смее и не треба да бидеме непријатели. Но, според досегашните потези на ВМРО-ДПМНЕ, не гледам промена кај нив по однос на ова прашање и воопшто во однос на политиките. Да не заборавиме, ВМРО-ДПМНЕ веќе не е опозиција како што беше пред локалните избори. Тие моментално управуваат со половина од општините во државата. Одминуваат 100 дена од нивното владеење и може лесно да се види дека сѐ што ветија во кампањата, излажаа. Ветија дека нема да има одмазда, а почнаа со отпуштања и деградирања уште од првиот ден. Се спроведува масовна партизација на секое ниво како единствен проект на сите градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. Ветуваа низа проекти уште во првите денови а од тоа нема буквално ништо. Градот Скопје е разочарување какво што не се памети во политичката историја на земјата“, изјави Ковачевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ