„Денеска имавме средба двајцата копретседатели на Мешовитата комисијата, техничка средба во однос на динамиката на работата на Комисијата во наредниот период, за темите кои би ги разгледувале во наредниот период. Изразивме желба дека дијалогот треба да продолжи и дека мора да продолжи. Како што сме веќе од порано договорени, следната средба ќе ја имаме на крајот на февруари“, рече Ѓоргиев.
Бугарскиот премиер Кирил Петков најави три средби на Комисијата во рок од четири месеци. Значи ли тоа интензивирање на процесот?
– Во некоја мера значи интензивирање бидејќи беа планирани две средби до мај годинава, меѓутоа ете, во духот на оваа позитивна енергија која се создава во односите меѓу Македонија и Бугарија ќе направиме напори да имаме три средби до крајот на мај.
Оптимист ли сте дека тие недоразбирања, препукувања од минатиот период, ќе се надминат?
– Разговараме, шанси да се надминат има и јас верувам дека може да се постигне резултат. Јас сум умерен оптимист.
Премиерот Петков рече дека во нивната комисија нема да има кадровски промени. Што е со нашата?
– Останува и нашата со постојниот состав, со тоа што ние од пред извесен период имаме еден член помалку. Но во тек се разговори и верувам дека до наредната средба ќе имаме нов член во нашата комисија, така што ќе бидеме целосни.
Од Софија, Жана П. Божиновска






