
„Ако вашиот сегашен пристап е кревање во облаци за да покажете дека нешто се случува кога ќе им свртите грб на вистинските проблеми, таквиот план нема да успее и ќе предизвика остра политичка и социјална реакција“, изјави пратеникот на ГЕРБ-СДС, Даниел Митов од собраниската говорница, по реферирањето на премиерот Кирил Петков за постигнувањата на двете меѓувладини средби со Македонија.
„Од вас се очекува да ги заштитите параметрите поставени во рамковната позиција на владата и декларацијата на Народното собрание од 2019 година. Вашата заложба во рамките на Консултативниот совет за национална безбедност е да известувате за напредокот на нашите односи со РСМ врз основа на реални резултати. На крајот од денешното сослушување правилно е да се сумира што можеме да сметаме како реален резултат“, рече Митов од говорницата.
Според него, голем дел од антибугарската реторика доаѓа од пропагандните историски наративи наследени од времето на комунистичка Југославија. Затоа, како што рече Митов, мора да се направи видлив напредок за надминување на историските фалсификати во образовниот систем на Македонија.
ГЕРБ смета дека е неопходно да се постигнат реални гаранции за почитување на правата на Бугарите во Македонија, ако е можно вклучување на Бугарите како државотворен народ во Уставот пред почетокот на преговорите.
Митов вели дека треба да се отворат и досиејата на комунистичките служби и на Сојузот на комунистите во Македонија од времето на поранешна Југославија, официјално признание и извинување на луѓето и нивните семејства, прогонетите и настраданите поради изразувањето на својата бугарска самосвест.






