Неприфатливо е употребувањето и објавувањето на каква било слична метафора или фраза во речникот на еден политичар и носител на јавна функција во една земја во која суштината на нејзиното функционирање и развојот е демократијата и промоцијата на нејзините вредности, смета ДУИ.
„Апсурдниот и скандалозен менталитет изразен во постот на Таравари е навреда за суверенот и флагрантно кршење на демократските норми на политичкото дејствување. Очекуваме Таравари да рефлектира и јавно да им се извини на сите граѓани и на семејствата на загинатите. Ја покануваме и Алијансата за Албанците да се огради и да го осуди овој апсурден искажан став на членот на нејзиното раководство. Прохитлеровиот став на Таравари нема место во нашето демократско општество и како таков заслужува да биде осуден од академскиот свет, креаторите на јавното мислење, медиумите и новинарите и невладините организации“, се вели во реакцијата на ДУИ.
Инаку, ДУИ реагираше и вчера за истата фејсбук објава на Таравари со барање да ја избрише објавата и да им се извини на граѓаните и на сите жртви од нацистичка Германија.
Таравари на тоа соопштение реагираше со нова објава на Фејсбук:
„За жал, ДУИ се пронаоѓа себе си во оваа приказна – секој ден по десетици автобуси со млади луѓе ја напуштаат државата. Дваесет години на власт, а 600.000 граѓани на печалба. Повеќе од една четвртина од државата. Егзодус”!
Инаку, Таравари во саботата напиша:
„Втората светска војна можеше да заврши порано и можеше да се спасат многу животи кои беа збришани како резултат на нејзиното лудило. Во време кога до некаде почнала да се намалува воената моќ на Хитлер и мапата на неговите освојувања почнала да се распаѓа, еден од неговите команданти го информирал за овие работи и го замолил да се повлече од војната затоа што биле убиени многу невини луѓе, меѓу кои и многу деца. Хитлер категорично му се спротивставил со зборовите: Затоа што народот гласаше за нас, сега и тој нека трпи смрт!”.






