„Условувањето на прифаќање на ваков модел со прифаќање на брзи предвремени избори, барањата за намалување на бројот на пратеници во Собранието на 90 (што изискува промена на Уставот кој предвидува од 120 до 140 пратеници, е долг и непредвидлив процес), барањата на одредени политички партии да се промени бројот на изборните единици и слични, се евтини обиди да се минира иницијативата за пропорционален модел со една изборна единица без изборен праг“, соопшти ДПТ.
Партијата смета дека е крајно време поголемите политички партии да излезат од стегите на своите теснопартиски интереси и да прифатат изборен модел кој ќе им овозможи и на помалите политички субјекти да го валоризираат секој глас на избирачите, со што ќе се рефлектира изборната волја на граѓаните и во Собранието на Македонија.
„Сите останати наводно добри решенија се само перфидни игри да се изигра иницијативата на групата пратеници, а притоа да се остави впечаток на праведност и демократичност. Многу е почесно отворено и јасно да се наведат причините поради кои не се прифаќа иницијативата на групата пратеници, отколку да се замајува јавноста со провидни политички решенија“, соопшти ДПТ.
Партијата на Турците го повика претседателот на парламентот предлогот што поскоро да го стави на дневен ред на Собранието, со што ќе се избегне досегашната пракса измените на изборниот законик да се вршат непосредно пред изборите што е спротивно на демократските принципи и на барањата на меѓународната заедница, измените и дополнувањата на Изборниот законик да не се вршат без претходна широка расправа и „непосредно пред изборите.






