сабота, 6 декември 2025

Димитров отворено: За моите позиции за Бугарија немаше место во владата, а во Османи немам целосна доверба за прашањето

Објавено на

часот

Сподели

„Затоа, не ме изненади посебно понудата што ја добив, да бидам амбасадор во Вашингтон. Тоа не само што ќе ме тргнеше од дома, туку и ќе ми го врзеше зборот. Знаете дека дипломатите додека се на должност немаат право да бидат гласни и јавно да се борат за своите ставови дома. Кога го одбив Вашингтон добив и друга понуда, да бидам амбасадор можеби во друга земја, па и да избирам. Сфатив дека нечиј влог за да не бидам дома, а со тоа да ослабат и гласовите кои се на линија во преговорите за која што јас се борам е голем“, рече Димитров.

Како што изјави, во два наврати кога таа битка кулминирала за што јавноста не знае – еднаш во Брисел, еднаш во Скопје, јасно кажал дека нема да дозволи поставените граници да се поминат по каква била цена, а најмалку по цена на неговата позиција во Владата, потенцирајќи дека со тоа дал до знаење дека со него внатре за некои работи едноставно нема разговор.

„Јас бев и целосно сум подготвен оваа битка да ја терам и понатаму без разлика на позицијата или функцијата. Во мојата кариера во оваа работа сум сретнал многу влијателни луѓе кои немаа функција, а сум сретнал и такви кои се на позиција ама немаат тежина, што вели нашиот народ ‘не им врви зборот‘. Мојот збор ве уверувам дека врви и натаму ама за тоа да биде така јас треба да сум дома, да сум тука, да сум активен, да сум гласен и да имам слобода да се борам за моите позиции и мојата визија, рече вицепремиерот Димитров. 

Инетересот да го нема, како што рече, не бил само домашен.

„Знаете дека кај соседот ќе бидат еднакво среќни да се ослободат од, како што ме нарекоа, ‘вирус поопасен од ковид‘. Ова прашање е моја лична животна мисија, апсолутна почит за македонскиот јазик, како еднаков на сите европски јазици и европска интеграција потпрена на вистински европски столбови и критериуми“, додаде Димитров.

Според него, поддршката што Македонија ја има од сите земји членки на ЕУ, освен една, во однос на преговорите со Софија, според него говори за цврстите заложби и резултати кои ги правел како политичар во изминатите години.

„Моите позиции во Владата во однос на колегите беа различни на многу теми, од приодот и мерките против пандемијата, преку ставовите за легализација на дивоградбите, медиумуските политики…“, вели Димитров.

На прашањето на кој политичар од владината гарнитура му пречеле ставовите на вицепремиерот Димитров, тој  вели оти тоа прашање веројатно треба да му биде поставено на новиот мандатар, или како што рече „уште повеќе на претходниот“.

Но отворено кажа дека нема целосна доверба во министерот за надворешни работи, Бујар Османи во однос на прашањето за Бугарија.

„Имам чувство дека има ‘драјв‘ за успех по секоја цена што не е продуктивен туку и опасен. Можеби и грешам“, вели Димитров, додавајќи дека за разлика од Османи, сепак останува на ставот дека какво и да е решение на спорот со Бугарија треба да помине во Собранието.

Тој, исто така, демантираше дека подготвува формирање на нова политичка партија.

„Деновиве постојано добивам прашања и од вас новинарите ‘Дали ќе направите партија’? Мене не ми е важна формата организацијата и функцијата, важна е битката, задожбата и принципите. Но, тоа што сигурно ни треба е отворање на еден непријатен разговор за вистински промени на самиот систем. Јас ви ветувам дека ќе најдам начин тој разговор да го отворам и за тие промени ќе се борам“, додаде тој.

Во однос на заклучоците од Советодавниот Совет за безбедност на Бугарија рече дека  на некој начин ја потврдија статус-кво состојбата, бидејќи ја потврдуваат декларацијата од бугарското Народно собрание и рамковната позиција на нивната влада.

„Документ којшто е непристоен и нецивилизациски и е навредлив за македонскиот народ оти зборува за етноинженеринг. Небаре, во историјата на создавање на народи и нации има природен и неприроден начин за создавање на народите“, вели Димитров.

Тој исто така вети дека будно ќе го следи процесот на преговори и целосно ќе се бори против лошо решение, а ќе поддржи достоинствено и европско решение. 

„Јас така функционирам, за нештата што ви се важни и во личниот живот и во политиката нема попуштање. Ова прашање е мојата лична животна мисија. Апсолутна почит за македонскиот јазик како еднаков на сите европски јазици и европска интеграција потпрена на вистински европски столбови и критериумите, на Копенхашките критериуми“, рече Димитров.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ