вторник, 9 декември 2025

Блага хистерија се обвинувањата дека со Бугарија ќе се носи договор на штета на државата, вели Османи

Објавено на

часот

Сподели

„Кога сме кај чувствителните прашања, сакам јасно и гласно да повторам – никој не преговара за идентитетот. Јазикот и другите идентитетски атрибути се прашања кои произлегуваат од правото на самоопределување на секој човек, на секој народ, на секоја етничка заедница, на секоја држава и тоа е неприкосновено право посилно од кое било друго право. За овие прашање ниту сме преговарале, ниту имаме право да преговараме, ниту некој некогаш ќе преговара“, рече Османи.

Тој кажа дека можеби постоеле такви обиди во минатото кога се пласираа некакви тези за негирање на идентитетот на Македонците од типот „еден народ во две држави“, што преставувало обид за наметнување на еден единствен поглед на исторската вистина, но преку еден мудар, рационален, аргументиран пристап успеавме да покажеме дека се тоа ретроградни појави, дека не одговараат на современите цивилизациски вредности, и смета дека во тоа успеавме.

„Денес веќе не разговараме за идентитет, туку единствено за пристапот при утврдувањето на правото на самоопределување на секој – во согласност со постоечкото државно уредување кај двете држави. Тоа не води до сетот политички прашања кој до неодамна беше именуван како пакет 5+1“, рече Османи.

Според него, во последно време почнала да се шири, како што рече „една блага хистерија дека за вакви чувствителни прашања можни се ад-хок решенија“ и оти некој може сам, преку ноќ, зад завесите, без знаење на граѓаните да донесе каква било одлука или договор на штета на нашите државни позиции поставени од декларацијата на Собранието.

„Сакам да порачам дека државниот тим целосно се води од позициите, државна позиција, дека секое прашања поминува низ неколку филтри – прво се тука експертите и дипломатите во МНР, професионалци кои со овие прашања се занимаваат во дипломатијата независно која било политичка власт во државата. Тоа се истите луѓе со кои работеле и моите претходници, меѓу кои и сегашниот преседател на Комисијава, Антонио Милошоски кога тој беше министер. Потоа е и Владата, каде одлуките ги носиме заеднички, а секако на крајот и оваа Комисија, Собранието воопшто, и на крајот и граѓаните“, рече Османи.

На крајот, порача тој, најчувствителните прашања и не се предмет на политички преговори, туку тие се предмет на разговори меѓу експертите во заедничката комисија за историски и образовни прашања, која, како што рече, е независно тело и во чија работа ниту можеме ниту се обидуваме да се мешаме.

„За нас најважното прашање во тој пакет е токму имплементацијата на одлуката на европскиот совет од март 2020 година, преку одржување на првата Меѓувладина конференција, притоа, нашата клучна позиција е дека во самата преговарачка рамка, македонскиот јазик да биде третиран како официјален јазик на Европската Унија без никакви додатни квалификации како и прашања поставени од Бугарија“, истакна Османи.

Таму, додаде тој, се прашањата за принципот на самоопределување согласно уставните уредувања на државите, прашањето на говорот на омраза и рехабилитација на жртвите од комунизмот.

„Нема ништо повеќе ниту помалку во овој пакет на политички прашања, ниту пак нешто спектакуларно со кое треба да ги плашиме граѓаните. Соодветно во фазата во која се наоѓаме во разговорите, тоа е фаза на размена на идеи, нон-пејпери, работни документи, па и обични разговори, ни сѐ уште не сме во можност да ги преставиме овде затоа што тоа не се договорени предлози. Не можете во сред разговори да ги преставувате нецелосните работни документи, затоа што со тоа ги нарушувате разговорите“, подвлече Османи.

Тој кажа дека во првиот момент кога ќе стигнеме до ситуација да тие работни верзии станат прифатливи за двете страна, пред да се одобрат или стават во функција, писмено ќе бидат доставени и до оваа Комисија и до пратениците.

„За жал сите овие разговори се случуваа во услови на службена влада во Бугарија и три изборни процеси и локални избори кај нас и избор на нова влада. Преставува навистина политичко олеснување што оваа година двете држави добивме легитимни политички влади и соодветно, се договоривме за еден нов пристап со кој преку динамизирање на комуникацијата ќе создадеме платформа за враќање на довербата, продлабочување на билатералната соработка но и надминување на политичките разлики. Си дадовме начелна соглсност дека ќе се посветиме повеќе на иднината отколку на минатото, давајќи му со тоа шанса на процесот за градење доверба“, изјави Османи.

Тој очекува дека во следните шест месеци ќе испратиме нова слика за односот и соработката меѓу двете земји, што ќе биде препознаена најпрво кај граѓаните на двете држави, но и кај нашите меѓународни пријатели, кои очекуваат од нас храбри одлуки кои доликуваат на две зрели држави.

„Сметам дека добро правиме. Работиме внимателно, трпеливо, но притоа со силен интензитет, без да дозволиме дијалогот да биде ставен на страна а нашите недоразбирања да станат таканаречен замрзнат конфликт кој ќе трае со децении. Оттука и мојот апел до самиот почеток на ова обраќање. Немам дилема дека имаме разлики во начинот, или пристапот со кој се справуваме со овој предизвик, но во исто време, немам дилема дека имаме и заеднички позиции изградени токму во ова Собрание преку декларација која е усвоена со консензус“, рече Османи во излагањето пред пратениците во собраниската Комисијата за надворешна политика.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ