„Германија е сериозна со ЕУ-перспективата за сите држави од регионот. ЕУ во однос на Северна Македонија стои на својот збор. Сите предуслови за почеток на пристапните преговори се исполнети. Преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ треба да почнат, а Германија и понатаму активно ќе се залага за тоа“, рече Лирман.
По средбата со Маричиќ, таа нагласи дека нашата земја и Бугарија активно работат на решение на блокадата.
„Северна Македонија консеквентно продолжува да чекори по патот на реформите и владеењето на правото што е исто така сигнал во правец на ЕУ. Би сакала да Ве охрабрам да останете на тој пат“, изјави таа, дополнувајќи дека без борба против корупцијата ниту една земја не може да се развива.
Маричиќ кажа дека новата влада е подготвена за отворените прашања со Бугарија да разговара отворено, искрено и принципиелно и дека дијалогот ќе биде директен, интензивен и транспарентен. Тој не сакаше да даде очекување кога би можело да се постигне решение, оценувајќи дека не е корисно ни за граѓаните ни за процесот да се наметнуваат временски рамки, бидејќи тоа досега не донесе некој успех, но сепак треба да има динамика.
„За нас е важно во процесот да влеземе суштински, искрено и со добра волја. Кога ќе дојдеме до решение, никој не може да каже, но тоа треба да биде побрзо бидејќи досега изгубивме многу време“, оцени Маричиќ.
Според него, од големо значење за целокупниот преговарачки процес ќе биде и ЕУ да даде свој придонес со кој ќе покаже дека сѐ уште е жива агендата за проширување, а денешната посета на Лирман, на првиот ден од новоформираната Влада претставува и афирмација на германската поддршка за македонската европерспектива и за интеграција на Западен Балкан во ЕУ.
На прашањето дали во Бугарија има македонско малцинство, нешто што деновиве го негираше новиот премиер Кирил Петков, Маричиќ одговори дека праксата на нашата Влада досега била да не се меша во внатрешните работи на која било држава и дека на тоа не обврзува и нашиот Устав.
„Тоа е внатрешно прашање на сите држави од регионот, вклучувајќи ја и Бугарија, а секоја етничка група, здружение или политичка партија можат да ги бараат своите права во Советот за Европа и други меѓународни организации“, рече Маричиќ додавајќи дека инсистирањето на тоа прашање сега „не е продуктивно“.
Тој рече исто така дека Комисијата за историски прашања со Бугарија ќе продолжи да постои и да функционира и по средбата со Петков и дека е обврска од договорот со Бугарија од 2017 година.
За утрешната посета на Петков изјави дека е добар знак и добар сигнал за отворање нов процес, бидејќи од двете страни на границата има нови влади на кои треба да им се даде шанса да ги извлечат научените лекции од досегашниот тек на процесот, како и да ги забрзаат напорите за решавање на отворените прашања.
„Во однос на временската рамка не мислам дека е корисно ниту за граѓаните, ниту за процесот да се споменуваат временски рамки зашто тоа досега не ни донесе успех. Но, исто така тоа не значи дека треба и да нема некоја динамика на функционирање, на работа. Мислам дека утрешната посета ќе биде добра за воспоставување на динамиката во која што ќе се формираат и ќе работат и работните групи и двете влади на изнаоѓање на решенија на отворените прашања“, изјави Маричиќ.






