Aнтовски рече дека неодамна Собранието на Македонија ги објави материјалите за предлогот за именување член на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и дека од нив се гледа дека на 27 декември владата ја предложила Мерита Дема, кадар на ДУИ.
„Дури, во дописот во точка 2 е цитирано дека согласно Законот за енергетика за член на РКЕ се избира државјанин на Република Македонија кој во последните 15 години пред именувањето има најмалку десет години работно искуство во енергетиката, односно во обезбедувањето на водни услуги. Од документите јасно се гледа дека Мерита Дема е родена на 29 јули 1990 година, дипломирала на 8 ноември 20212 година, а прво вработување ѝ било на 14 март 2013 година. За потсетување, денес сме 12 јануари 2022 година, со што наведениот услов во Законот за енергетика целосно е прекршен. Мерита Дема во последните 15 години не можела да има 10 години искуство во енергетиката, поради својата возраст, дипломирање и прво вработување кое било во март 2013 година“, нагласи Антовски.
Тој го постави прашањето дали со ова грубо кршење на Законот за енергетика, Заев му се заблагодарува на својот коалиционен партнер ДУИ што му ја спаси власта?
„Како може некој кој го нема потребното работни искуство да се избере за член на такво независно тело, во кое се регулуираат цените на струјата, гасот, нафтата, парното греење и водата? Дали Заев намерно одбира вакви кадри кои потоа за возврат ќе потпишуваат секакви зголемувања на цените на електричната енергија, за да може да се реализираат тендерите на кланот Заеви во РЕК Битола? Ова е класично прекршување на законите од владата на СДСМ ДУИ“, рече Антовски според кого станува збор за класичен пример за партизација на институциите, како што е тоа Регулторната комисија која треба да биде независно тело.






