„Со ова означуваме еден нов граѓански и научен пристап во вселенските активности на Македонија, додека агенцијата која е прва од ваков вид е значаен чекор кон граѓанско-научно вклучување во мирољубивото истражување и употреба на вселената“, велат организаторите.
Меѓународното космичко движење (МКД) – Битола е единствената меѓународна невладина орѓанизација во светот која се залага за: намалување на космичкиот јаз, воспоставување на систем за правична дистрибуција на добробитта од истражувањето и употребата на космичкото пространство, дисеминација на меѓународното космичко право, науки и технологии и пресметка на космички индекс.
На седницата потврден е изборот на проф. д-р Ивица Милевски за претседател на Македонското космичко друштво. Друштвото е овластено да го спроведува образовниот проект за примена на правните и научно-техничките аспекти на истражувањето и употребата на космичкото пространство во македонскиот образовен систем и да продолжи со дисеминација на меѓународното космичко право, науки и технологии.
Поднесена е иницијатива до претседателот, Собранието и Министерството за надворешни работи за повторно вклучување на Македонија кон правниот режим на космосот и кон релевантните меѓународни организации, достоинствена примена на меѓународното космичко право во македонскиот поредок и утврдување на македонска надворешна политика за космичките работи на човештвото.
„Ги повикуваме Собранието и претседателот на Македонија да ја разгледаат поднесената иницијатива, да го овозможат повторното вклучување на Македонија кон правниот режим на космосот и релевантните меѓународни организации, да се утврди македонска надворешна космичка политика, да го ратификуваат меѓународното космичко право и да се почне процедурата за основање на Македонска агенција за космосот. Истражувањето и употребата на космосот е надлежност на целото човештво. И ние, македонските граѓани имаме слобода за истражување на вселената и право на пристап до благодетите од проучувањето и ползувањето на космичкото пространство. Време е државата тоа достоинствено да го признае, почитува, применува, гарантира и заштитува“, соопшти Македонското космичко друштво – Битола.






