Проф.д-р Георги Радулов Радуле е роден во 1942 година во селото Кремен, Благоевградската област во Пиринскиот дел на Македонија.
По завршувањето на основното училиште во родното село, средното образование го продолжил во Банско. Работеше и живееше во Софија, каде дипломирал на два факултети, на два различни универзитети: на Електро-машинскиот факултет при Рударско-геолошкиот универзитет и на Транспортниот факултет при Техничкиот универзитет во Софија. Бил редовен професор на Електро-машинскиот факултет при Рударско-геолошкиот универзитет „Свети Јован Рилски” во Софија по предметот „Автоматизација на рударството”, каде што од 2001 до 2005 година бил и негов декан.
Независно од неговата професионална ангажираност, со години ја проучувал историјата на својот македонски народ. Проучувањето на културата и минатото на македонскиот народ е судбинска определба на проф.д-р Георги Радулов Радуле.
Автор е на неколку книги, од кои три се на историски теми за Македонија и Македонците: „Историја на Македонија – апологија на македонството“, „Кој ја фалсификува историјата?” и „Кремен – минато и наследство“.
Книгата „Историја на Македонија – апологија на македонството” на бугарски јазик е објавена во 1997 година во Софија.
Оваа книга ја претставува комплетната историја на македонскиот народ, од антиката до средината на 20-от век, и таа е првата книга од ваков вид објавена во Бугарија и на бугарски јазик. Поради отворено искажаните ставови за одбрана на засебниот македонски национален идентитет, авторот и книгата предизвикаа бурни реакции во Бугарија и беа цел на бројни критики и притисоци.
Со финансиска поддршка на фондацијата „Рамковски”, книгата „Историја на Македонија – апологија на македонството” на македонски јазик беше објавена во 2010 година, а нејзината промоција се одржа во Друштвото на писателите на Македонија на 29 јули 2010 годин. Проф.д-р Георги Радулов Радуле консултирал 459 статии, книги и монографии од македонски, бугарски, балкански и светски автори при пишувањето на оваа книга, што укажува на темелниот и широк зафат при концепирањето на ова капитално дело за македонската историографија. Оваа книга претставува вистинско огледало за проучувањето на историјата на македонскиот народ.
На промоцијата на неговата книга „Историја на Македонија – апологија на македонството” во Македонија, проф.д-р Георге Радулов Радуле рече: „За спорот со државното име Македонија во односите со Грција, мислам дека Европа многу греши. Европа треба да ја поддржи Македонија, бидејќи оваа земја веќе 2.300-2.500 години е само Македонија!“
Проф.д-р Георге Радулов Радуле веруваше во подобрување на односите помеѓу Бугарија и Македонија, иако Софија правеше обиди да го присвои како Бугарин, а тој објавуваше книги за фалсификатите на бугарската историографија.
Во 2001 година проф.д-р Георге Радулов Радуле ја објави и книгата „Кој ја фалсификува историјата” која претставува одговор на антимакедонскиот памфлет „Десетте лаги на македонизмот” на бугарскиот историчар Божидар Димитров. Во ова дело проф.д-р Георге Радулов Радуле научно и аргументирано ја брани псоебноста на македонскиот народ, јазик, култура и историја. Во Македонија книгата беше објавена во 2003 година, и побуди голем интерес кај читателите.
Проф.д-р Георге Радулов Радуле пишуваше и статии за македонскиот весник во Бугарија – „Народна волја“. Тој беше член на меѓународната невладина организација Светски македонски конгрес и пратеник во Генералното собрание на СМК. За заслуги во афирмирањето на македонската вистина проф.д-р Георге Радулов Радуле е награден со плакета „Духовен воин на македонските духовни конаци”, а Генералното собрание на Светскиот македонски конгрес му го додели највисокото семакедонско признание – почесната титула „Македонски сенатор“.