четврток, 12 февруари 2026

По Бубевски и обвинтелката Јосифоска тврди дека адвокатката Кадриу изнела клевети на нејзина сметка

Адвокатката Лејла Кадриу изнесе низа невистини, лаги и клевети во однос на моето постапување како јавен обвинител во Специјалното јавно обвинителство (СЈО), во однос на постапувањето на другите јавни обвинители во тоа обвинителство и во однос на  работењето на целото СЈО, се наведува во денешната реакција на обвинителката Елизабета Јосифоска по гостувањето на Кадриу на ТВ Алфа каде изнесе низа обвинувања во врска со работата на поранешното СЈО и обвинителите кои беа дел од него. Ако не ѝ се извини, Јосифоска најави тужба за клевета. Претходно, за истите наводи на Кадриу реагираше и јавниот обвинител Гаврил Бубевски. 

Фото: Принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Јосифоска смета дека обвинувањата на Кадриу се лажни и клеветнички со цел да се наруши нејзината чест и професионален углед, но и да се дискредитира работењето на целата институција Специјално јавно обвинителство (СЈО).

„Сѐ  што адвокатката Кадриу изнесе во однос на наводното трошење на еден милион евра за 2,5 месеци во 2015 година е лага и клевета. Податокот колку пари се потрошени во овој период е содржан во првиот Извештај за работењето на СЈО, кој е јавно објавен на 15 март 2016 година и е доставен до Собранието и до Советот на јавните обвинители. Ноторен факт е дека се потрошени  13.542.671 денари, а непотрошените парични средства во износ од 49.877.757 денари на 31 декември 2015 се вратени во Буџетот. Податокот за потрошените парични средства е содржан и во завршната сметка на СЈО за 2015 година доставена до надлежните институции“, вели Јосифоска.

Според неа, Кадриу изнела низа клевети и очигледни лаги и во однос на постапувањето по предметот познат во јавноста под името „Пуч“.

„Дека сѐ што кажа е лага и невистина во однос на овој предмет е очигледно од фактот што предметот со сите докази е предаден од страна на Основниот кривичен суд Скопје на СЈО кон крајот на јуни 2016 година. Во тоа време Лејла Кадриу веќе не беше јавен обвинител во СЈО, па се поставува прашањето како воопшто можела да го види предметот ‘во некое ќуше, неотворен и спакуван во прозирни фолии’“, прашува Јосифоска.

Лејла Кадриу, не се задржа само на ова, пишува во реакцијата Јосифоска, „туку со цел да се дискретитираат сите предмети на Специјалното јавно обвинителство, изнесе лаги и невистини и во однос на приемот на материјалите од незаконски прислушуваните материјали од политичката партија СДСМ и  понатамошното постапување со нив во СЈО“.

„Јас не присуствував на самиот прием на материјалите на 30 декември 2015 година, но начинот на нивното чување и понатамошно постапување е опишан во веќе спомнатиот прв извештај на СЈО. Имено, извршен е детален попис на сите примени материјали од страна на комисијата во која и јас бев член, а записникот од извршениот попис е предаден во судот како доказ во еден од предметите на СЈО“, тврди Јосифоска.

Поради изнесените лаги и клевети, заклучува обвиннителката Јосифоска, таа денеска испратила писмено барање за извинување до адвокатката Лејла Кадриу.

„Доколку не добијам извинување, во законскиот рок  ќе поднесам тужба за клевета до надлежниот суд“, се наведува на крајот од реакцијата на обвинителката Јосифоска.

Претходно, и јавниот обвинител Гаврил Бубевски најостро ги демантираше, како што ги нарече, клеветите и измислените наводи изнесени од адвокатката Лејла Кадриу во интервјуто во емисијата „Вечерното шоу на Богдан Илиевски“ на ТВ Алфа, емитувано на 7 февруари 2026 година. И тој како и Јосифосла најави граѓанска тужба доколку не добие јавно извинување во законски предвидениот рок.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ