Законот за основно образование се менува два пати за само неколку месеци, во нетранспарентна постапка, без вклучување на стручната јавност и во спротивност со домашните и меѓународните регулативи. Продолжувањето на ваквите антидемократски процеси, каде што клучни закони се носат по брза постапка, без јавна дебата и без вклучување на експерти и младите, е неприфатливо и загрижувачко, велат од Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација.
„Бараме итно запирање на овие штетни законски измени и отворен дијалог со младите, експертите и граѓанските организации за креирање политики што вистински одговараат на потребите на младите и ја штитат нивната иднина. Податоците за насилството, дискриминацијата и здравјето кај младите се алармантни и треба да ги загрижат сите родители, наставници и граѓани на оваа држава. Насилството е нормализирано во Македонија, сѐ почести се случаите на вознемирување, сексуално насилство, малтретирање и силување кај младите извршено од малолетници, како во училиштата, така и во јавните простори“, велат од Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација.
Оттаму велат дека младите на возраст од 15 до 18 години се најмногу изложени на насилство за разлика од другите возрасни групи и младите кои ѝ припаѓаат на ЛГБТИ задницата се и до четирипати почесто малтретирани во училиште од хетеросексуалните врсници. Дополнително, додаваат тие, 15-годишници со хомосексуална и бисексуална ориентација страдаат два или повеќе пати почесто во споредба со своите хетеросексуални врсници, честопати со повеќе психосоматски симптоми (74 отсто), чувства на тага и безнадежност (47 отсто) или со сериозни самоубиствени мисли (30 отсто).
„Загрижува податокот дека никој од стручната јавност, ниту младинските организации, не побараа ваков тип на законски измени во образованието. Токму затоа прашуваме, дали Владата и Парламентот се во директна спрега со неформални и формални радикални групи, кои под превезот на ‘заштита на правата на децата’ секојдневно промовираат –дискриминација, омраза, насилство, шират теории на заговор против употреба на вакцините и други методи за здравствена превенција базирани на докази. Истите групи веќе неколку години промовираат антидемократски процеси и оркестрирано напаѓаат стручни лица, активисти од граѓанскиот сектор, новинари. Оваа насока е целосно спротивна на заложбите на државата за ЕУ интегративните процеси“, велат од Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација.
Затоа тие од претседателката Гордана Сиљановска Давкова бараат да не ги потпише указите за донесување на измените на Законот за основно образование и Законот за учебници за основно и средно образование, Владата и Парламентот да ги реобмислат законите во образованието, да обезбедат соодветни средства за спроведување на Законот за млади и да се инвестира во младинските центри, одржување на надзорна расправа за предизвиците и препреките во имплементација на Законот за спречување и заштита од дискриминација, отворање на широка дебата со младите и стручните здравствени организации, подготовка на измени на Законот за основно образование, Законот за средното образование и Законот за учебници за основно и средно образование и итно и неодложно спроведување на подзаконски акти за заштита на децата од насилство и дискриминација во училишта.