петок, 13 февруари 2026

Плацот на Мијалков во скопско Морани по вторпат оди на продажба за 200.000 евра

Плацот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, лоциран во селото Морани, во близина на Студеничани, кој беше одземен со конфискација во рамки на предметот Империја, по вторпат е ставен на продажба по пат на електронско јавно наддавање.

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за земјиште со површина од 56.818 квадратни метри, заведено во Катастарската општина Морани, место викано Долно Поле, запишано во Имотен лист бр. 1580, како сопственост на Република Македонија – Агенција за управување со одземен имот.

Според огласот бр. 3/2026, објавен од Агенцијата, продажбата ќе се изврши со јавно наддавање по електронски пат, а почетната продажна цена е утврдена согласно процена на Министерството за правда – Биро за процена, во износ од 12.784.065 денари односно 207.870 евра. Јавното наддавање е закажано за 2 март 2026 година со почеток во 10 часот и ќе трае 15 минути.

Претходно, овој плац беше ставен на наддавање на 12 декември, но не се продаде. Тогаш почетната сума за продавање беше 277.161 евро, а квадрат беше пет евра.

Имотот беше конфискуван со правосилна судска одлука во предметот Империја, во кој Мијалков беше обвинет за злосторничко здружување и злоупотреби поврзани со стекнување имотна корист. Со конфискацијата, земјиштето премина во сопственост на државата, по што Агенцијата за управување со одземен имот го стави на продажба согласно законските процедури.

Заинтересираните лица ќе можат да учествуваат во електронското наддавање преку системот на Агенцијата, со претходна уплата на гаранција и доставување на потребната документација, согласно условите наведени во огласот.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ