Перишиќ информира дека како асоцијација се занимаваат со сите надлежности на општините, како и со пожарникарството.
„Во 2005 година, кога почна процесот на децентрализација и противпожарните единици, кои до тогаш беа во МВР, поминаа на општините и пренесени се сите согласно закон. Дополнително, пред пред пет години се додадени уште четири општини и во моментов имаме 34 единици за противпожарна заштита што се наоѓаат во 34 општини, но ги покриват сите 80 општини, вклучително и Град Скопје, како 81 посебна единица на локална самоуправа, подвлече Перишиќ.
Таа се наврати на големата трагедија во Кочани и истакна дека првите, најодговорните, кои постапија на време и спасија ситуација да не се случи да има многу поголема несреќа биле протвпожарните единици на Кочани и на околните општини, кои веднаш помогнале. Перишиќ истакна дека од 2005 година, или веќе 20 години има големи проблеми во противпожарните единици.
„Прва и основна работа е што таа надлежност се финансира со блок дотација од централната власт. Во моментов има помалку од 400 пожарникари во сите единици на противпожарна заштита, иако согласно закон бројот треба да биде поголем од 800. Законот јасно вели дека на 1500 жители треба да има по еден пожарникар. Тоа е првата и најголемата болка која ја имаме во општините. Втората е што во државава не постои тренинг центар за обука за новите и старите пожарникари, кои би биле соодветно обучени за да почнат да работат“, рече Перишиќ.
Извршната директорка на ЗЕЛС како трет проблем ги наведе возилата.
„Мора да видите каква разноликост постои во нашите противпожарни единици кои имаат возила од 40-та, 50-та години, нешто што останало од стариот систем, кои ги поправаат и се трудат да направат со нив што поуспешна работа. Разни донаторски организации и амбасади се обидуваат да ни помогнат, кои ни даваат возила и опрема кои се со различен метрички систем. Четврата работа е опремата за пожарникари. Секоја општина се обидува да се снајде на свој начин, да им обезбеди нови чизми, пожарникарски одела и се што ќе им треба за нивните акции. Имаме многу лошо опремени пожарникари“, изјави Перишиќ. Додаде дека сето ова го увиделе странските амбасади и донаторските организации и имале средба, на која учествувал и ЗЕЛС. Малку е срамно, како што рече, дека некој ќе дојде од страна и ќе ни помогне, нагласувајќи дека во земјава имаме средства и капацитети сами да го организираме тоа. Таа информира дека ЗЕЛС испратил до сите 34 општини кои имаат свои противпожрани единици прашања за тоа што им недостига, а следниот состанок за координација е во септември.
Според неа, и централната власт треба да се погрижи за делот кој ним им припаѓа – Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.
Конференцијата почна со едноминутно молчење во чест на загинатите во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани.