На средбата, како што соопшти Министерството за локална самоуправа, стана збор за најважните локални прашања, за предизвиците со кои се соочува општината, а разменија мислења и за мерки и активности со кои би се создале услови за поголем напредок на општината во интерес на поквалитетно секојдневие на жителите. Во фокус на средбата беа и измените на Законот за локална самоуправа, неговата примена и можностите за негово унапредување.
„Граѓаните мора да бидат во центарот на секоја политика. Законот за локална самоуправа е алатка, но неговата сила зависи од тоа колку сме спремни да го користиме во полза на сите жители во општините – отчетно, транспарентно и со реално учество на граѓаните“, беше истакнато на средбата, велат од министерството, на која министерот Перински и градоначалникот Костовски разговараа и за дванаесетте проекти кои во Бутел се реализираат со средства од првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти. Од нив, 11 се во делот на зајакнување на капацитетите на патната инфраструктура, со чија реализација значително ќе се подобри протокот на сообраќајот во општината. На вториот повик, Општина Бутел досега има доставено 16 апликации за предлог проекти.
Средбата заврши со порака дека само преку отворен дијалог и функционална самоуправа се создаваат услови за ефикасно функционирање на општините во интерес на квалитетно секојдневие на локалното население.