вторник, 15 јули 2025

Пари, волја и желба има, еколошка свест за чиста Преспа нема (ВИДЕО)

Главни причини за загадувањето на животната средина се ниската еколошка свест, недостаток на опрема и слабиот систем за собирање на отпадот, покажуваат истражувањата на Институтот за комуникациски студии (ИКС) кој денеска во соработка со невладините организации „Преспа разбуди се за чиста средина“ и „Македонското еколошко друштво – Ресен“ финансиски поддржани од Европската Унија (ЕУ) ја започнаа кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион – „Преспа разбуди се за чиста средина“.

 

 

Објавено на

часот

Сподели

Дејан Андонов од Институт за комуникациски студии (ИКС) во поздравното обраќање на почетокот на кампањата рече дека Преспа со својата исклучителна убавина и богатство, како и долгогодишната земјоделска традиција, заслужува многу повеќе од она што ѝ се случува во последната деценија.

„За жал регионот се соочува со сериозни предизвици во управувањето со отпадот, со неселектиран отпад и диви депонии, загадени почви и води, вклучително и Преспанското езеро. Ова не се само еколошки туку и здравствени, економски и социјални проблеми. Затоа не е доволно само да се зборува за тоа, туку е потребно и дејствување со заеднички сили. Оваа кампања што ја започнуваме денеска ќе поттикне одговорно однесување и заедничка грижа за животната средина“, рече Андонов.

Во таа смисла, Марсел Русу директор на Јавното комунално претпријатие „Пролетер“ – Ресен рече дека ова јавно претпријатие активно се вклучува во кампањата за да се дојде до решение кое ќе биде трајно за сите генерации што доаѓаат понатаму.

„Планираме активности за едукација на жителите на Преспа, пред сѐ во примарната селекција на отпадот. Отворени сме за предлози кои се потребите на граѓаните за да може да излеземе во пресрет и преку заеднички акции како денешнава да ја исчистиме територијата на цела Преспа. Дополнително, со добивањето на нови возила од програмата ‘ЕУ за Преспа’ планираме да ја покриеме цела Преспа дури и во најмалите места каде што досега не се подигаше отпадот. Целта е, на крајот, носење помал отпад на регионалната депонија во Новаци која што во следниот период треба да следи“, рече Русу.

Јован Тозиевски градоначалник на Општина Ресен кажа дека Преспанци имаат што да зачуваат затоа што Преспа е најубавиот крај во Македонија.

„Ова е мал почеток на она што ни следи во иднина. Ќе продолжиме со чистење и на други околу триесетина како оваа денеска нотирани депонии. Но, покрај ова влегуваме во проект за подигање на јавната свест, селекција и компостирање на отпадот. Се надевам дека овие грди слики ќе ги замениме со чисти средини. Би апелирал до граѓаните да престанат да го фрлаат сметот бидејќи депонијата е секогаш отворена и е бесплатна за фрлање на сметот. Се надевам дека во иднина Преспа ќе ја гледаме многу почиста и за нас преспанци и за цела Македонија“, рече Тозиевски.

На прашањето дали се пишуваат казни, градоначалникот вели дека инспекторите се активни на терен, но дека не секогаш може да се постигне.

„Ќе пробаме со еден проект на снимање на депониите. Но, најголемиот импакт е преку ваквите акции со кои им даваме до знаење на граѓаните дека фрлањето на диви депонии не е во ред“, кажа Тозиевски.

Со оваа кампања се превидени низа активности цо една цел, создавање одржлив систем на однесување и навики што ќе придонесат за поздрава, почиста и поперспективна Преспа.

Марија Евтимовска од невладината организација (НВО) „Еко герила – Преспа“ кажа дека од денеска Преспа почнува да се буди за поубава и почиста средина.

„Ние како ‘Еко герила – Преспа’ десет години работиме на проблемот со комуналниот отпад и диви депонии и сметаме дека ова е начинот да канализира и нашиот труд и поддршката на општината, на комуналното претпријатие и секако на европските фондови. Се надевам дека за прв пат можеме да направиме вмрежување на бизнис секторот, локалната самоуправа, граѓанскиот сектор, институции и сите да покажеме колку ја сакаме Преспа“, рече Евтимовска.

Сепак, вели Андонов, решенија постојат и тие почнуваат од нас самите.

„Ова не е само да се отстрани отпадот туку за да покажеме дека кога се обединува заедницата, резултатите се видливи“, рече Андонов.

На денешниот почеток на кампањата присуствуваа и доброволци од осмо и деветто одделение од училиштето „Браќа Миладиновци“ во Царев Двор.

Сите говорници на денешниот настан се согласија дека е време за циркуларна економија и за нова еколошка свест во Преспа.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ