„На 22 е карактеристично тоа што додека бев со кучето Хера во дворот, разговарав со наш член на самата ограда, затоа што се плашеше од кучето. На 22 ноември не постои состанок со Манев и со Видевски, од едноставна причина што, во посоченото време, дека околу 12 стигнале од месноста Рудник во штабот, јас разговарам со Миле, секретарот на партијата“, рече Палевски и наброја со кого сѐ имал телефонски разговори во тој период.
Тој исто така го постави прашањето за времето на смртта на Панче Жежовски, нагласувајќи дека нема докази или логично обвинение за тоа. Тој уште кажа дека не знае како е утврдено кога е убиен Жежовски бидејќи според него времињата не се совпаѓаат, а обвинението е полно со нелогичности.
„Моментот на смртта на Панче Жежовски до денес не е утврден. Докажано е и евидентирано дека двете возила поминуваат покрај хотелот Романтик и заминуваат по регионалниот пат кон Скопје. Како пресметале кога е убиен Панче? Досега не понудија докази. Според времињата, она што е сигурно е дека Влатко Кешишев во 10:30 часот поминал покрај хотелот Романтик кај езерото Младост. Како успеале, според тврдењето на Обвинителството, да го убијат Панче и да се возат во шок и бессознание до Маџари, да се паркираат, да се претоварат во кангуто и да стигнат до 11:47 часот да разговараат на телефон? Тоа е невозможно физички“, рече Палевски.
Според него е чудно, што според исказ на Велибор Манев на 24 ноември 2023 година се враќаат во месноста Рудник, каде отишле да го затрупаат Жежовски.
„Дали е тоа напад на совест, не знам, па по вторпат се враќаат на местото на злосторството, но постои можност и тогаш да е убиен Панче. Јавното обвинителство не се потрудило да утврди време на смрт на Жежовски, од едноставна причина, за да можат да шетаат низ времето“, рече Палевски.
Наведе дека во кривичната пријава е наведено дека Жежовски е убиен во 21:30, а во обвинението во 9:30 часот.
„Според камерите на хотел Романтик, возилото цитроен во 10:30 сѐ уште е во Велес. Таму е ископана дупка со пречник метар и 60 сантиметри, длабока три метри, што е пет кубици земја или две тракторски приколки. При таква ископана земуница, како што ја вика Велибор Манев, која не е затрупана до горе после убиството на Панче, туку само еден метар, на 27 декември повторно копале дупка на местото Дупки“, рече Палевски.
Потоа Палевски во детали ја коментираше истрагата и преземените дејствија од Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство, посочувајќи дека нив единствена цел им била, како што рече „од 4 декември Палевски треба да биде монструм, а не да се бара оружје“.
Нагласи дека на 22.11.2023 година му го поправал котелот на извесен Ерол Османи, а претходно посочи дека во неговиот телефон имало 12 пораки и 2 телефонски разговори со кои се докажува дека сведокот Османи лажел пред судот.
Во претпладневниот дел од распитот, првообвинетиот Љупчо Палевски рече дека ниту ги грабнал, ниту ги уби Ѓорчевска и Жежовски и дека целиот случај е политичко –обвинителски линч против него. Претходно, на денешното рочиште заврши распитот на таткото на малолетната жртва Вања, Александар Ѓорчевски, кој во петокот, на 11 април одговараше на прашања на обвинителството и на прашања на првобвинетиот Палевски, а денеска одговараше на прашања на судот. Ѓорчевски е меѓу петмината обвинети за учество во извршување на двете убиства.
Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува на 16 април.






