понеделник, 8 декември 2025
Фондација Кантарот

Отворен повикот за наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“

Првиот чекор во подготовката на конференцијата „Наука за деца“ на фондацијата Кантарот е отворање на повикот за наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“, која се доделува  соработка со професорката д-р Венка Симовска.

Објавено на

часот

Сподели

И оваа година со наградата вредна 30.000 денари, сакаме да стимулираме уште едно љубопитно и посветено дете да продолжи со љубов да чекори по патот на науката, велат од фондацијата.

За да се пријави ученик/ученичка  треба да е 9 одделение во основно училиште во земјава, да напише што конкретно сака во науката, која научна дисциплина или вид на истражувања, зошто и како мисли дека науката може да придонесе за личниот или за развојот на општеството, да напише за досегашните постигнувања и за што би ги употребиле средствата од наградата.

„Сакаме да напоменеме дека наградите и постигнувањата не се единствениот критериум за доделување на наградата. Во потрага сме по личности кои својот ентузијазам кон науката го надополнуваат со амбиција, имагинација, силни комуникациски вештини и со желба да се споделува наука со јавноста. Од сите примени апликации ќе избереме десетина кандидати за интервју, а по интервјуата ќе ги објавиме финалистите“, се вели во информацијата на фондацијата Кантарот.
Сите финалисти за наградата „Иван Ќостаров“ потоа ќе бидат поврзани со ментори, научници во странство за подготовка за научно предавање на следната НЗД конференција.

Наградата „Иван Ќостаров“ е во вредност од 30.000 денари, со тоа што средствата директно се вложуваат во набавка на опрема за експерименти или други научни проекти, учество на обуки и курсеви, трошоци за меѓународни натпревари кои не се покриени на друг начин…

Апликациите ги оценува стручно жири од научници што стојат зад Наука за деца. Одлуката за доделување на наградата ќе биде соопштена на 17 октомври, за време на конференцијата Наука за деца.

Во изминативе две години наградата „Иван Ќостаров“ ја добија Мила Порјазоска (2023) и Ангела Тунеска (2024 г.), а шестмина финалисти добија стипендии и менторство (Јаков Грујовски, Теа Ангелова, Деа Атанасов, Софија Петковска, Деа Ивановска и Зоран Илијоски).

Тие во 2024/2025 година постигнаа многу на државните првенства по математика (Зоран – 1 награда; Теа – 2 награда; Јаков – 3 награда; Софија – 3 награда), по физика (Јаков – 1 награда; Деа И. – 1 награда; Мила – 3 награда; Ангела – 3 награда), по хемија (Мила – 2 награда; Зоран – 2 награда), биологија (Мила – 1 награда; Софија – 2 награда ), информатика (Деа А. – 1 награда; Јаков – 2 награда; Зоран – 3 награда)… Тука се и признанија од олимпијади (Мила со тимот олимпијци освоија 5 бронзи на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки), па дури и државни награди за ораторство (Теа) и во одбојка (Деа И.)!

За работите на кои се најгорди, тие велат:

„Предавањето на тема Биолуминесценција на ланската конференција Наука за деца, затоа што тоа беше ново искуство за мене, тоа што бев дел од тимот за Јуниорската балканска математичка олимпијада (ЈБМО 2025) каде што освоив бронзен медал, а горда сум и на сестра ми којашто годинава дипломираше на Харвард“, вели Деа И.

„На успехот што го остваривме на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки“, вели Мила.

„Најмило ми е што како најмал член ја претставувам државата на Меѓународната олимпијада по економија во Баку, Азербејџан“, изјави Теа.

Наградата го носи името на Иван Ќостаров, кој е роден во Скопје во 1955 година, а починал во Копенхаген, Данска, во 2019 година. Имал само 14 години кога љубопитноста го инспирирала да замине од дома за да учи во славната математичка гимназија во Белград. По професија бил електроинженер и софтвер-архитект, кој долги години живеел во Данска. Тој е и човекот кој заедно со уште неколкумина го составил од нула првиот компјутер во Македонија. Имал бројни и разновидни интереси, но особено уживал во природните науки. Сакал математика, логика, компјутерски науки, астрономија, астрофизика, генетика и сонувал еден ден да патува во вселената. Сонот не го остварил, но затоа е тука оваа награда во негова чест, која се надеваме дека ќе им помогне на многу деца да чекорат полесно кон остварување на своите научно-љубопитни соништа, соопштија од фондацијата Кантарот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ