Тој посочува дека на отворањето на Младинскиот хаб на Град Скопје, кој е современ, отворен и инклузивен простор создаден по мерка на младите, нивните идеи, потреби и потенцијал, присуствувал и постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Армен Григоријан.

„Ова е стратешка инвестиција во иднината на нашиот град. Хабот е целосно опремен со средства обезбедени од УНДП и претставува силна порака дека младите се во фокусот на развојните политики на Град Скопје. Управувањето со Младинскиот хаб им е доверено на млади и стручни кадри со релевантно искуство во младинската работа, образованието, културата и иновациите, кои ќе обезбедат динамична, транспарентна и одржлива програма, во служба на младинските потреби и амбиции“, потенцира Ѓорѓиевски.

Посебен акцент, како што нагласува, се става на соработката со невладиниот сектор, како и на партнерствата со институциите и приватниот сектор, со цел вмрежување, размена на знаења и создавање нови можности за личен и професионален развој.
Овде, младите ќе имаат простор да создаваат, да учат, да се поврзуваат и активно да учествуваат во градењето на заедницата. Со оваа иницијатива, Град Скопје јасно ја потврдува својата заложба за системска поддршка на младите и за создавање силна, иновативна и активна младинска заедница, двигател на иднината на нашето Скопје, објави градоначалникот Ѓорѓиевски.






