недела, 14 декември 2025

Осумнаесетмина повредени во пожарот во фабриката Макпрогрес во Виница, сите се во стабилна состојба

Вкупно осумнаесет лица се примени синоќа во кочанската Општа болница со повреди здобиени во пожарот што избувна вчера доцна попладне во фабриката за кондиторски производи „Макпрогрес“ во Виница. Дел се задржани во Кочани, дел од нив се препратени на клиниките во Скопје, но сите се во стабилна состојба, изјави за МИА Оливера Цимбаљевиќ, анестезиолог, раководител на одделението за анестезиологија и реанимација во кочанската Општа болница.

Објавено на

часот

Сподели

„Петмина од нив се наоѓаат на хирургија, од нив четворица се со изгореници на нозете од прв и втор степен. Петтиот што е задржан на хируруршкото одделение е со инхалациони (токсиколошки) повреди. Други петмина повредени во пожарот во ‘Макпрогрес’ се згрижени на интерното одделение во Општата болница во Кочани. Сите се со инхалациони повреди (вдишување чад), односно со токсиколошки наод. Шест други лица веднаш се препратени на Клиника во Скопје, сите затруени со чад од огнот. Преостанатите заминале после укажаната лекарска интервенција“, вели др. Цимбаљевиќ.

Таа не можеше да прецизира колку од нив се пожарникари, а колку се вработени во „Макпрогрес“.

Сите примени во Болницата во Кочани се во стабилна состојба, потенцира др. Цимбаљевиќ.

Пожарот во фабриката за кандирани производи и вафли во Виница избувна вчера вечер во 18,40 часот, во магацините и во производствените погони  6, 7 и 8, а во неговото гаснење покрај од ТППЕ на Виница беа вклучени и против пожарните единици од неколку соседни општини.

Според градоначалникот на Општина Виница, Миле Петков, медицинска помош во текот на синоќешниот пожар во фабриката Макпрогрес-Винчини побарале 16 лица.  Тој посочува дека овие информации ги има добиено од ЈЗУ Здравствен дом Виница, а повредени се пожарникари, доброволци и вработени во фабриката.

„Според информациите од Здравствен дом Виница помош побарале 16 лица, дел од повредените се пренесени во Здравствен дом во Кочани, додека оние коишто имаат вдишано чад се пренесени во Клинички центар во Скопје. Здравствената состојба им е добра“, вели Петков.

Посочува дека пожарот во магацините на фарбиката Макпрогрес е локализиран, а опожарени се три погони и магацин на површина од околу 5.000 метри квадратни.

Градоначалникот на Општина Виница Петков вели дека во гаснењето на пожарот учествуваа пожарникари и доброволци од Виница, Кочани, Штип, Македонска Каменица, Кавадарци, Струмица, Делчево, Пробиштип, Свети Николе, Радовиш и од Велес.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ