Во изминатите години (2021, 2022 и 2024), УИС до МОН доставил барања за започнување на основно образование за осудените лица, но истите не содржеле конкретни податоци за бројот и образовното ниво на осудените. Притоа, воопшто не е доставено барање за организирање на средно образование, иако податоците укажуваат дека повеќе од половина од осудениците немаат завршено ниту основно образование. Недефинираните надлежности и обврски во правната рамка го отежнуваат меѓуинституционалното делување.
Што се однесува до условите за спроведување на наставата, теренскиот увид покажа дека соодветни просторни и технички услови се обезбедени само во неколку установи (ВПД Тетово, Затвор Тетово, делови од КПД Идризово, Затвор Куманово и КПД Штип), додека останатите установи немаат простории за настава или тие не се соодветно опремени.
Дополнително, основното образование за деца до 16 години треба да се организира од најблиското основно училиште, врз основа на програми на мајчин јазик. Меѓутоа, поради малиот број ученици, како што е случајот со само две деца во ВПД Тетово – ваквото законско решение е тешко спроведливо.
За осудени лица над 16 години, образованието треба да се одвива преку верификувани училишта за возрасни.
Сепак, ревизорите утврдиле дека во земјата постои само едно такво училиште – ОУ „Антон Семјонович Макаренко“ во Скопје, кое работи по застарени програми. Отсуството на вакви училишта надвор од Скопје и немањето ажурирани наставни програми го оневозможува образовниот процес за повозрасните осудени лица.
Како привремено решение, во соработка со УНДП, МОН и УИС склучиле меморандум за реализација на експериментални програми. Во тие програми биле вклучени вкупно 103 лица, но тие не стекнале формални свидетелства.
Во 2024 година, предложени се измени на Законот за основно образование, со кои училиштето „Антон Семјонович Макаренко“ би прераснало во државно училиште за возрасни и деца во ВПУ, при што новите наставни програми би се донеле во рок од четири месеци по стапување на сила на измените.