Според огласот, кандидатите треба да ги исполнуваат условите предвидени во Законот за судовите. За судија-поротник може да биде избран полнолетен државјанин на Република Македонија со завршено најмалку средно образование, кој активно го владее македонскиот јазик, ужива углед за вршење на функцијата и не е постар од 60 години.
Дополнително, судија-поротник за судење на малолетници се избира од редот на лица со искуство во воспитувањето и образованието на млади.
Заинтересираните кандидати, со пријавата, треба да достават: уверение за завршено образование, уверение за државјанство, потврда дека со правосилна судска пресуда не им е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност, лекарско уверение за општа здравствена способност и изјава заверена на нотар дека не се во сродство во права линија или во странична линија до трет степен, ниту брачен другар со судија, судија-поротник во овој суд или со член на Судскиот совет.
Документите треба да бидат доставени во оригинал или заверени на нотар.
Рокот за пријавување е 10 дена од денот на објавување на огласот, а условите мора да бидат исполнети во моментот на поднесување на пријавата.
Пријавите со потребната документација и контакт телефон можат да се поднесат писмено преку приемното одделение на Основниот кривичен суд Скопје или по пошта на адреса булевар Гоце Делчев б.б., Скопје, со назнака „Јавен оглас бр.1/2026 за избор на судии-поротници“.






