понеделник, 14 јули 2025

Од денеска се вози по реконструираниот пат од Охрид до Свети Наум

Денеска, официјално беше пуштен во употреба реконструираниот регионален пат од Охрид до Свети Наум. Како што беше ветено, обновениот пат е ставен на користење на граѓаните пред почетокот на туристичката сезона, а „лентата ја пресече“, премиерот Христијан Мицкоски.

Објавено на

часот

Сподели

„Го пуштаме во употреба реконструираниот регионален пат од Охрид до Св. Наум- пат кој беше заборавен. Пат кој го заслужуваше Охрид, го заслужуваа граѓаните, туристите. И сега, конечно, го добиваме. Со инвестиција од 11,7 милиони евра, реконструиравме 24,3 километри современ магистрален пат. Реконструкцијата опфати целосна санација на коловозот, поставување нова сигнализација, безбедносни огради и проширување каде што теренот дозволуваше. Направени се и заштитни интервенции на ризичните косини – и сето тоа е со една цел: безбедност, сигурност и долготрајност. Но ова денес не е само пуштање на пат. Ова е уште една потврда за определбата на Владата- да се гради, без многу врева. Без партиски и бизнис спектакли. Со план, со јасна визија и многу работа“, порача Мицкоски на настанот на кој беше пуштен патот.

Тој потсети дека во моментов, паралелно се градат неколку клучни патни правци: автопатот Кичево- Охрид силно се забрзува, делниците Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани се активни, а се работи и на подготовка за градба на делницата Букојчани- Кичево.

„Тоа значи дека целосно го затвораме автопатниот прстен во Западна Македонија. И  тука не застануваме. Нашата стратегија е јасна – инфраструктурата не е трошок, таа е инвестиција во иднината на државата. Инфраструктурата ги отвора вратите за туризам, за економија, за регионално поврзување, за работни места, за живот со достоинство. Кога сме кај туризмот, сакам да кажам дека во оваа година април месец е успешен со повеќе од 20% поголем број на странски туристи споредено со минатата година во април, а истото тоа и во првите четири месеци од годината споредено со првите четири месеци од минатата година. Исто така и бројот на преноќувања во првите четири месеци посебно во април е повторно за дваесетина отсто поголем од оној што беше во минатата година, истиот период“, наведе премиерот.

Исто така, Мицкоски потсетти дека патот што денеска се пушта, нè поврзува со еден од најголемите духовни и туристички центри на Балканот – манастирскиот комплекс Св. Наум. Тој ги поврзува и сите плажи и туристички капацитети на јужниот дел од Охридското крајбрежје. Покрај тоа, тој е и дел од регионалната врска со Република Албанија.

„Охрид, градот под заштита на УНЕСКО, полека, но сигурно, го добива ликот на посакувана и пристапна европска дестинација. Го поврзавме со светот преку нови авиолинии, преку Истанбул, Меминген, Виена, Белград. Денес, преку обновени патишта, овозможуваме да дише слободно и да се развива како што му прилега“, истакна Мицкоски.

Веднаш по свеченоста за пуштање во употреба на патот Охрид – Свети Наум, се огласија и од опозициската СДСМ, да потсетат дека проектот за реконструкција на патниот правец во Охридскиот регион е започнат од СДСМ, уште во август 2023 година, како дел од сеопфатниот план на владата тогаш предводена од оваа партија.

„Средствата за овој проект, во вредност од 11,7 милиони евра, беа обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта и истиот беше планиран, одобрен и започнат од претходната влада на СДСМ со реализација од околу 50%. До летната сезона во 2024 година комплетно се заврши реконструкцијата на патот од Св. Наум до пред селото Пештани и заради туристичката сезона имаше мал прекин на работите. Претходно, во 2019 година  беше започната и завршена реконструкција на патот од бензиската Билјанини извори до с. Коњско. Дополнително и цела Туристичка, како главна магистрална трансверзала во градот  во должина од 5,6 км по 60 години беше реконструирана исто така од страна на СДСМ. Токму во време на СДСМ беа рехабилитирани и обновени и патните правци кон граничните премини Блаце, Деве Баир, Ќафасан и Меџитлија. Го поздравуваме довршувањето на проектот, но до кога власта ќе се кити со проекти на СДСМ? Кога ќе промовира Мицкоски некој проект од неговата влада? Или тоа не може да се случи затоа што таков проект нема“, се огласија од СДСМ по повод пуштањето во употреба на реконструираниот пат од Охрид до Свети Наум.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ