Во претставката потпишана од вршителката на должност (в.д.) републички јавен обвинител, Анита Топалова Исајловска пишува дека Јавното обвинителство на Македонија најостро реагира на неетичкиот и непрофесионален јавен настап на адвокатот Мустафа Хајрулахи во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа од 14.01.2026 година.
„Ви укажуваме дека во споменатата емисија од страна на лице кое извршува функција адвокат беа изречени бројни клевети, лични навреди и невистини за одредени јавни обвинители, како и за состојбите во Јавното обвинителство, а со тоа е нанесена штета на угледот на јавнообвинителската институција во целина. Јавното обвинителство во целост ги отфрла ваквите неосновани напади, кои претставуваат обид за лична дискредитација и директно нарушување на уставно и законски гарантираната самостојност на јавните обвинители и на обвинителството. Ваквиот јавен настап е спротивен на општиот принцип број 5 од Кодексот за професионална етика на адвокатите кој им забранува на адвокатите да се рекламираат и да бараат личен публицитет на недостоен начин, што вклучува и изнесување невистини и навреди на лична основа кон професионалци и кон други државни органи“, се наведува во претставката.
Според ЈОРМ, ваквите напади и обиди за дискредитација се спротивни и на општиот принцип број 1 од Кодексот за професионална етика на адвокатите со кој адвокатот не смее да дозволи неговите лични интереси да влијаат врз неговата независност.
„Затоа бараме Адвокатската комора да преземе мерки во рамките на своите надлежности, да се огради и да го повика на одговорност адвокатот Мустафа Хајрулахи, и со тоа да го заштити угледот на Јавното обвинителство, но и на адвокатурата од неговите неетички јавни настапи“, се наведува во претставката на Републичкото јавно обвинителство испратена до Адвокатската комора.
Пред да стане адвокат, Хајрулахи беше шеф на Вишото обвинителство Скопје. Тој на 9 декември минатата година поднесе оставка од функцијата откако една година претходно, во ноември 2024 година беше суспендиран поради истрага за пет кривични дела, малтретирање во вршење на службата и едно дело за злоупотреба на службената положба и овластување. На 9 септември 2025 година, Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинение против Хајрулахи кој се товари дека вршел малтретирање во службата врз вработените во Обвинителството.
Хајрулахи заедно со неговиот тогашен заменик Јован Цветановски е обвинет и за злоупотреба на службената положбата.






