Станува збор за малолетници, на возраст од по 14 и 15 години, заедно со уште едно дете, кое не наполнило 14 години и не може кривично да одговара, во група извршиле грубо насилство врз двајца други 14-годишници.
Настанот, како што се наведува во соопштението од Јавното обвинителство, се случил на 12 декември во дворот на ОУ „Дитурије” во Сарај. Двете деца – жртви на насилството тргнале да си одат дома кога на излезот од училишниот двор биле пресретнати од напаѓачите. Започнале да ги удираат со тупаници и клоци по главата и телото. Едното дете добило површинска рана на главата, додека на другото дете му нанеле тешки телесни повреди – контузија на главата, скршеница на носот и хематоми по целото тело.
Со насилството сторителите предизвикале чувство на несигурност и страв и кај други деца што во тој момент излегувале од училиштето.
Имајќи ја предвид возраста на децата во судир со законот, но и потребата да се обезбеди непречено водење на постапката, јавниот обвинител на судијата му предложил да определи мерки на претпазливост – јавување во суд, одземање на патната исправа и забрана за приближување и остварување какви било контакти со оштетените деца.






