„Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење. При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје. Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
По пет дена криза со загадена вода во Струга, директорот на ЈП „Водовод“ Меџијаит Јусуфоски вчера поднесе оставка од морални причини. Градот останува со целосна забрана за користење на водата поради екстремна заматеност.
Од чешмите во Струга тече темнокафеава вода, а анализите покажаа дека заматеноста е дури 30 пати над дозволеното. Водата е прогласена за технички неисправна и не смее да се користи ниту за пиење, ниту за готвење, ниту за лична хигиена.
Завчера, Центарот за јавно здравје Охрид соопшти дека основните анализи на водата од изворот „Шум“ кај Струга покажале заматеност од околу 28,59 проценти, што е повеќе од дозволените 1,5 проценти, поради што властите предупредија дека водата не е за пиење и бараат дополнителни испитувања за да се утврдат причините за високата матност.
Како што информираа од Центарот, покрај заматеноста, водата има и висок степен на обоеност и матност што ја прави здравствено неисправна за користење како питка.
Струшкото јавно претпријатие „Водовод и Канализација“ ја потврди оваа состојба и ги повика граѓаните да ја користат водата само за технички потреби додека не биде објавено поинакво известување за исправноста на водата за пиење.
Ова не е првпат да се забележи проблем со квалитетот на водата во струшкиот регион. Струга веќе со години мака мачи со квалитетот и недостигот на вода преку целата година.






