Половина час претходно во Обвинителството пристигна и државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој не даде изјава за медиумите, но нагласи дека на прес -конференција во текот на денешниот ден ќе ги соопшти деталите.
Со проширената истрага опфатени се 19 лица кои се сомничат за тешки дела против општата сигурност според членот 292, а во врска со член 288 од Кривичниот законик.
Се работи за службени лица, кои во периодот од 2012 година до 16 март годинава во рамки на своите надлежности и одговорности не постапиле по пропишаните мерки за заштита со што предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и на имот од големи размери.
Од Обвинителството во Кочани соопштија дека меѓу осомничените се овластени градежни инспектори во општината, директори и генерален инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување, министри, државни секретари и други службени лица од Министерството за економија, како и инспектори од Државниот пазарен инспекторат.