петок, 12 декември 2025

Во училиштето „Љубен Лапе“ повторно протест на родители, наставничка повикала полиција

Објавено на

часот

Сподели

Родителите на ученици од три паралелки од шесто одделение во основното училиште „Љубен Лапе” решија  нивните деца да продолжат со бојкот на наставата додека од наставниот процес не се исклучи наставничката по математика Анета Костоска. Во соопштението до медиумите потпишано како Совет на родители, се порачува дека бараат таа наставничка да се исклучи од секаков контакт со учениците.

Родителите се револтирани затоа што утрово бојкотот на наставата, како што велат, иако бил уредно најавен, бил попречен од колешка на наставничката Костоска, која исто така предава математика.

„Таа наставничка е член на дисциплинската комисија и од за нас неразбирливи причини, можеби пак од познати причини за неа, свесно го попречи бојкотот, обраќајќи се на висок тон, како и со упатување закани кон родителот кој бил уредно овластен од сите други родители да биде присутен со децата во просториите на училиштето за време на бојкот. Воедно, истапувајќи надвор од нејзините ингеренции и должности, без одобрение на директорот и стручната служба на училиштето, не почитувајќи ја хиерархиската поставеност во работата и одлучувањето, повикала полиција на интервенција за што по пријавата е уредно составен записник од страна на службени лица на МВР”, се вели во соопштението на родителите.

Тие нагласуваат дека ваквото постапување е надвор од ингеренциите на наставничката, зашто тоа може да е законска и статутарна обврска на директорот и стручните служби, согласно хиерархиската поставеност на одлучување во училиштето.

Родителите велат дека со бојкотот не бил попречен работниот процес на никого, ниту пак наставата во другите одделенија.

„Нашата одлука не ја засега неа лично како наставник, но очигледно ја засегнува грижа и заштита на неодговорното и против законско постапување на нејзината колешка по математика. Воедно станува збор и за правење на своевиден притисок и заплашување кон родителите. Бараме преземање на итни мерки против ваквото недолично однесување и несоодветен тон на комуникација и нејзино изземање од член на дисциплинската комисија, заради очигледно заземање на страна во постапката, наместо реално и фактичко утврдување на состојбите”, се вели во соопштението.

Родителите велат дека потоа била одржана средба со новата в.д. директорка и со двајца инспектори од Државниот просветен инспекторат.

„Во училиштето се прават одредени напори, но истовремено и нелогични опструкции од дел од наставниците и попречување на решавањето на овој многу горлив проблем за учениците. Потенцираме, нашата примарна цел не е да се создаваат нови проблеми, туку конечно да се погледне директно во проблемот кој постои во училиштето. Никому не му оди во прилог нарушување на угледот на училиштето, кој е веќе нарушен изминативе години. Ако колективот на училиштето беше солидарен со наставничката Анета Костовска, тогаш немаше со години да го игнорираат и прикриваат нејзиниот проблем, да креваат раменици без никакви преземени конкретни постапки и да се држат настрана и крајно незаинтересирано да се однесуваат кога треба да се заштитат децата и нивниот интерес. Сите сме свесни и одговорни родители, ниту еден од нас не е бесчувствителен, ниту пак сакаме некој да остане без работа. Бараме заштита за нашите деца, квалитетен образовен процес и систем и заштита на нивното основно уставно загарантирано право-образование, ништо повеќе од ова”, порачуваат родителите!

Тие велат дека изјавите на досегашната директорка дека се обидела да стори се што може за разрешување на проблемот не ја одразуваат вистината, бидејќи проблемот, велат, постои пет години, а е радикализиран во оваа учебна година.

Инаку, проблемот во училиштето „Љубен Лапе” ексалираше завчера кога на протест излегоа родители на шестооодделенци кои не дозволија нивните деца да имаат настава потсетувајќи дека нивното барање за отстранување од наставата на спомнатата наставничка упорно се игнорираат како од директорката, така и од Министерството за образование. Родителите сведочеа дека таа наставничка ги малтретира психички учениците именувајќи ги со најпогрдни зборови, дека им се жали за својата работа и дека не дозволува прашања во врска со наставата поради што успехот на децата по математика е многу лош.

По протестот, завчера директорката Марјана Панчевска поднесе оставка, а градоначалникот на Општина Аеродром Тимчо Муцунски ја именуваше наставничката Сања Стојанова за вршител на должноста директор, изразувајќи очекување дека таа најприоритетно ќе се зафати со решавање на овој проблем во училиштето.

Од вчера во училиштето се врши вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инсекторат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ