
Како што рече Петличковски на денешната прес-конференција, и тука има еден мал процент можност и човек вакциниран со три дози да заврши лошо, но шансите тоа да се случи се многу мали.
Тој додаде дека не знае дали ќе стане задолжителна третата доза, но, вели, сигурно ќе биде силна препорака, бидејќи постојат многу научни докази дека е излез.
„Нас ни е јасно дека треба да се движиме накај трета доза. Не зборуваме за сезонска вакцинација. Зборуваме за трета доза. Во Англија што често ја земаме за пример, над 65 проценти од населението има примено трета доза. Кај нас е околу пет проценти. Значи тука имаме дупка и нашиот фокус е сега таа дупка да ја пополниме. Натаму ќе се насочиме, да стимулираме, да објаснуваме и да поттикнуваме вакцинација со трета доза, рече д-р Петличковски.
И д-р Марија Димзова од Клиниката за инфективни болести, која е член на Комисијата за заразни болести вели дека во овие две години наназад се покажа дека вакцинацијата е единствениот начин да се намали смртноста, бидејќи тоа што ни се случува со примање на две дози и на трета доза вакцина не значи дека сме отпорни од болеста со појавата на нови варијанти.
Таа додаде дека апелираат граѓаните да се вакцинираат, да се намали сериозноста односно тежината на болеста и да се намали процентот на смртни исходи.
„Имаме пациенти кои се хоспитализирани и на 90 години. Значи, некогаш и самите коморбидитети и самите години влијаат врз успехот на болеста. Станува збор за пациенти кои како коморбидитети имаа карциноми, пациенти кои примаат хемотерапија итн.“, изјави Димзова.
Во однос на големата смртност од ковид-19 во земјава, пак, Петличковски рече дека анализата која ја правеле на хоспитализирани и починати има за цел да одговори зошто имавме релативно висока стапка на смртност и проблем кој го лоцирале е слабата застапеност на третата доза.
„Втор проблем, односно втора дискусија која ја отворивме е шифрирањето на починатите од ковид и тука се обврзавме во следнава недела да имаме еден работен состанок со Статистика, со Институт за епидемиологија кои го изготвуваат овој шифрарник за да направиме абдејт, бидејќи изгледа дека шифрирањето се води по методологија која е можеби од почетокот на пандемијата, така што веројатно има тука некој развој и размислуваме да го освежиме начинот на шифрирање, односно на класифицирање на болеста“, додаде тој.






