вторник, 9 декември 2025

Омикрон забрзано се шири, допрва ќе се одлучува за скратување на изолацијата и за почетокот на второто полугодие

Објавено на

часот

Сподели

Одлуката по овој предлог ќе биде донесена непосредно пред почетокот на второто полугодие, бидејќи зависи од епидемиолошката состојба во државата, а ќе биде усогласена и со Министерството за образование и наука.

Според последните податоци во земјава, омикрон варијантата на коронавирусот e детектирана кај 68 отсто од секвенционираните примероци направени во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика на Институтот за јавно здравје. Омикрон сојот е откриен во 12 градови и тоа во Скопје, Охрид, Кочани, Тетово, Велес, Пехчево, Штип, Гевгелија, Кавадарци, Виница, Неготино и Битола.

Согласно анализите на Институтот за јавно здравје, во период од една седмица за 51 процент е зголемен бројот на позитивни од тестирани на ковид-19. Регистрирани се заболени лица од сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст од 30-39 (27 проценти), 20-29 (24 проценти) и 40-49 (17 проценти). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 (2 проценти).

Според извештаите од болниците, на територија на цела држава се хоспитализирани 351 лице што е 41 процент повеќе во споредба со претходната недела. Зголемен е и бројот на дневни прегледи во инфективните одделенија низ болниците во државата, а бројот на прегледи на дневно ниво понекогаш во болниците во Скопје надминува 100 пациенти. Според епидемиолошките анкети најголем дел од пациентите имале контакт со позитивен случај три дена пред почетокот на симптоми/добивање на позитивен резултат. Се апелира граѓаните кои чувствуваат какви било симптоми, да направат тест и да се изолираат за да спречат ширење на вирусот.

Вчерашните податоци на Институтот за јавно здравство покажуваат дека бројот на активни случаи со ковид-19 во земјава изнесува 12.333. Вкупниот број на инфицирани од почетокот на епидемијата достигна 236.241. Според вчерашната статистика, од направени 7.724 тестови, регистрирани се 1.964 нови случаи со КОВИД-19. Од новодијагностицираните во Скопје се дури 1.070, Битола 226, Прилеп 122, Куманово 52, Охрид 51… Починати се седум пациенти, сите во болнички услови.

Како што соопшти ресорното министерство, поради технички проблем во системот „Мој термин”, во текот на вчерашниот ден не се евидентирани оздравени лица. Тие ќе бидат прикажани во денешната информација.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ