Како што вчера најави во изјава за МКД.мк градоначалникот Муцунски, а имајќи предвид дека досегашната директорка Марјана Панчевска не ги решила проблемите иако тоа го барале родителите, како привремено решение на првата функција во училиштето тој ја назначи наставничката од тоа училиште Сања Стојанова, која е единствена од наставничкиот кадар со положен директорски испит.
Панчевска вчера поднесе оставка на функцијата.
„Во постојани разговори сме со новата директорка и со родителите, верувам дека набрзо ќе се надминат проблемите”, изјави Муцунски.
Прв приоритет на новата директорка ќе биде да најде решение за предметот математика што го предава Aнета Костоска, која, според поплаките од децата и од родителите, учениците ги навредувала со погрдни зборови, не дозволувала прашања, а успехот на тестовите поради тоа бил катастрофален.
Родители на децата вчера излегоа на протест пред училиштето и рекоа дека уште минатата година реагирале и до органите на МОН, како и до директорката, но дека ништо не било преземено. Тие оценија дека досегашната директорка ја заштитувала наставничката, а на штета на психичкото здравје на децата и нивниот успех по предметот.
По нивната реакција и откако за случајот се заинтересираа медиумите, денеска во училиштето влегоа инспектори на Државниот просветен инспекторат кои ќе ја анализираат состојбата и ќе предложат решенија.
Инаку, во однос на основното образование поделени се ингеренциите меѓу МОН и општините.
П.Џ.






