
„Проблемот со наставничката по математика во училиштето трае подолг период и датира од пред локалните избори. Јас сум добро информиран за состојбите во ‘Љубен Лапе’ низ разговори со родителите и со директорката. Формалната надлежност се разбира е кај МОН и Просветниот инспекторат. Но, сепак училиштето е на наша територија и се заложив и како родител и просветен работник за решавање на проблемот, кој за жал, досега не беше разрешен иако директорката можела да преземе мерки“, вели Муцунски и информира дека директорката Марјана Панчевска денеска до него поднела писмена оставка.
Градоначалникот нагласува дека во текот на денот ќе именува в.д. дирктор.

„Новиот директор прв приоритет ќе има да ја разреши оваа состојба во училиштето и наставниот процес да стане нормален. Тоа што се случувало досега е недозволиво. Мора децата да имаат редовна и квалитетна настава“, рече Муцунски.
Инаку, утрово се случи бојкот на наставата на децата од шестите одделенија, а пред училиштето дојдоа и родители кои рекоа дека веќе нема да дозволат наставничката по математика да се изживува врз нивните деца, да ги навредува, да им вели дека се глупави и идиоти. Тие рекоа дека наставниот процес по математика се одвива „во тишина“, дека децата не смеат ништо да прашуваат, поради што на последниот тест по математика имало дури по 20 единици во одделение.
Родителите ја обвинија директорката дека ја штити наставничката со цел да не ја загуби работата.
П.Џамбазоски






