петок, 12 декември 2025

Ќе има целосен бојкот на наставата во ОУ „Љубен Лапе“ ако до 14 февруари не се најде решение за предметот математика

Објавено на

часот

Сподели

Бојкотот на наставата по предметот математика во три паралелки од шесто одделение во основното училиште „Љубен Лапе” продолжува и денеска и ќе трае додека не се најде замена за наставничката Анета Костоска, поради чие однесување со децата незадоволството на родителите прерасна во организирано барање до надлежните за итно решение, изјави за МКД.мк член на Советот на родители од ова училиште.

Советот на родители денеска ќе достави барање до новата директорка на училиштето, до Министерството за образование и до градоначалникот на Општина Аеродром, во кое е наведено дека бојкотот е легално организиран и најавен до надлежните и дека ќе трае до 14-ти овој месец со непосетување на настава по предметот математика доколку на час доаѓа таа наставничка. Доколку до тој датум не се најде замена за наставничката, тогаш ќе се премине на целосен бојкот на наставата, по сите предмети, вели родителот.

Тој потсетува дека проблемот трае веќе предолго и дека нивните деца од таа наставничка биле континуирано изложени на стресни ситуации, биле навредувани со погрни зборови, не им било дозволувано да поставуваат прашања кога нешто не им е јасно од наставата и дека успехот на децата поради тоа е катастрофален.

„Ние не бараме наставничката Костоска да биде избркана од работа, таа е самохран родител, туку предлагаме надлежните да ѝ најдат соодветна работа врз основа на нејзиното образование и стручност. Слушаме дека се работи за квалитетен математичар. Проблемот е во нејзиниот однос кон децата, каков што е недозволив за една воспитнообразовна институција. Мора на надлежните во прв план да им бидат децата”, вели родителот.

Тој нагласува дека се во контакт со новата в.д. директорка, која на функцијата беше поставена во средата со одлука на градоначалникот Тимчо Муцунски, откако претходната директорка, не успевајќи да најде решение за проблемот повеќе од една година, во четвртокот поднесе оставка.

„Децата за време на часот по математика седат во училница, а имаме назначено еден родител кој децата ќе ги извади надвор од училницата доколку влезе наставничката Костоска. За да не седат сами децата, треба на часот да е присутен педагот – психолог. Потребно е да се најде правно издржано решение, за што е потребно извесно време, но не и да се одолговлекува проблемот”, вели членот на Советот на родители.

Во разговорот тој вели дека исто така ги осудуваат заканите кои доаѓаат од други наставници дека децата можат да се соочат со неоправдани изостаноци и намалено поведение.

Тоа, нагласува, не може да се случи, бидејќи бојкотот е организиран и пријавен и затоа што децата се на училиште и во училница.

Инаку, во четвртокот и во петокот во училиштето беше извршен вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат, но засега нема извештај за тоа каква состојба е утврдена и какви мерки ќе бидат предложени до Министерството за образование и наука.

П.Џамбазоски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ