Иако годинава грипот е позастапен во споредба со лани, треба да се има предвид дека раширеноста на грипот во двете сезони карактеристични за грипот, во кое време всушност „владее“ коронавирусот, е дека бројот на заболени од грип далеку под бројот регистриран во последните десетина години.
Во сезоната 2021/2022 регистрирани се 3.252 случаи на грип, што е за 6,6 пати повеќе во споредба со претходната сезона карактеристична за ова респираторно заболување.
Во лабораториски услови е потврдено дека доминира вирус на грип од типот А и тоа во дури 283 направени тестирања, а само во еден тест е откриено присуство на вирус на грип од типот Б.
Според пријавените случаи во последно време, најмногу грип има во охридскиот и дебарскиот регион, потоа во прилепскиот и кавадаречкиот регион. Инстутутот за јавно здравје забележува дека ниска активност на грипот има во скопскиот, гостиварскиот, кичевскиот, струшкиот, кочанскиот, гевгелискиот и во уште неколку региони.

Од Институтот за јавно здравје велат дека најдобра превенција против грипот е вакцината и предупредуаат дека и грипот може да биде многу сериозно заболување. Од есента кога започна вакцинацијата, против грипот се имунизирани 49.302 лица.
Како и кај ковид-19, така и кај грипот, личната заштита е многу добра превенција, а тоа подразбира држење растојание и негрупирање, миење на раце и дезинфекција, како и носење на маски, особено во затворен простор.
П.Џ.






