„Заедно поминавме многу во историски најтешкиот период за македонското здравство. Поддршката која ја добивавме јас и моите колеги ни даваше сила да продолжиме напред и да ја водиме битка со пандемијата. Одново да се бориме за секој живот и да се грижиме за здравјето на секој пациент. Но, и покрај сите предизивици со глобалната ковид криза, успеавме да направиме темелни промени во здравството и да реализираме инвестиции на кои сум навистина горд. Го вративме достоинството и мотивацијата на здравствените работници со покачување на платите како никогаш порано. Тие сега земаат повисоки плати од 25 до 40%, а специјализантите за првпат се платени додека специјализираат. Верувам дека новата Влада ќе продолжи да ги покачува платите бидејќи здравствените работници тоа го заслужуваат“, вели Филипче.
За пациентите вели дека се грижеле за сите подеднакво, како и за оние кои порано биле игнорирани и заборавани. Притоа обезбедени се лекови за пациентите со ретки болести, а воспоставен е и регистар за ретки болести. Во земјава, додава, конечно нема лекови од паралелен увоз, укинати се квотите, и сега сите лекови се квалитетни и достапни во секое време.
„И покрај економската криза, инвестициите во здравството не запреа. За четири години реновиравме и изградивме здравствени капацитети повеќе од било кога во минатото. Реновирани се 50 здравствени установи, клиники и хируршки сали кои се опремени по највисоки светски стандарди. Отворени се нови центри и оддели во рамки на болниците и пациентите сега ги добиваат услугите онаму каде живеат. Набавивме медицинска опрема која овозможува операциите, за кои порано пациентите одеа во странство, сега да ги правиме дома. Набавивме најсовремени апарати, 9 компјутерски томографи и 7 магнетни резонанци. Ова претставува најголемо вложување во клучна апаратура во историјата на нашето здравство“, образложува Филипче и додава дека е особено горд на вложувањето во здравјето на децата.
Откако ги наведува, како што вели, убавите нешта во време на пандемијата, вклучувајќи ја првата успешна трансплантација на срце, а потоа уште 5 други, потоа првата трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител, јавно им се заблагодари на здравствените работници и порача дека и понатаму ќе продолжи да се бори за нивните права и достоинствен третман од страна на државата.
„Заминувам од позицијата министер горд на сработеното знаејќи дека сѐ што направивме, секоја одлука која ја донесовме ја носевме исклучиво во интерес на здравјето и заштита на граѓаните. Со оваа мисија продолжувам да работам и понатаму“, вели Филипче.






