Ова се само дел од резултатите што ги реализирала Царинската управа во изминатата година што денеска ги презентираше директорот Бобан Николовски на настанот „Една година резултати“.
Спречени се прекршочни и кривични дела при што евидентирани се вкупно 520 случаи на заплени или двојно повеќе од годината претходно. Поднесени се и 181 кривична пријава за сторени кривични дела против 307 физички и 99 правни лица или, како што нагласи, за четири ипол пати повеќе, споредбено со годината претходно кога биле поднесени 42 кривични пријави.
„Ова се историски резултати кои што ќе се паметат во историјата на Царинската управа“, истакна Николовски.
Вели дека по направена анализа на состојбите во институцијата, изминатата година работеле на иницирање итни, но одржливи и видливи промени, за поуспешно работење, поголема безбедност, борба против корупцијата, разбивање на организирани криминални мрежи, спречување на криумчарење. Имало зголемени контроли, зголемената професионалност на службите, унапредување на царинските процеси, но и подобрената соработка со компаниите, што, како што рече, резултирало со повисока наплата на приходи во буџетот.
„Тргнавме силно уште од првиот месец. Денес Царинската управа претставува еден од главните столбови на кои се потпира државата, симбол за просперитет, симбол за безбедност“, рече Николовски.
Зголемените контроли, зголемената професионалност на службите, унапредувањето на царинските процеси, но и подобрената соработка со компаниите, според него, резултирале со повисока наплата на приходи во буџетот.
„Така во текот на изминатиот период од една година наплативме приходи во висина од над две милијарди евра или речиси 105 милиони евра повеќе од истиот период претходно. Раст на приходите има по секој основ. Приходите од царина бележат раст од 15,2 проценти, од акциза од 7,1 процент, а приходите од данокот на моторни возила бележат раст од 17 проценти. Ова претставува сериозен износ што се влева во буџетот за повеќе капитални инвестиции, што ја раздвижаа економската активност и водат до повисок економски раст“, нагласи Николовски.
На сите гранични премини и гранични терминали, ставен е во функција системот за видео надзор и систем за препознавање на регистарски таблички, еден од најсовремените во Европа, при што снимките од системите претставуваат и веќе се користат како доказен материјал во предистражни постапки на Царинската управа, како и други истражни органи.
Според директорот на Царинската управа, напредокот во борбата против корупцијата е веќе мерлив и признаен.
„Годинава ДКСК во извештајот за 2024 година н è оцени на високо петто место од вкупно 72 институции во спроведување на политики за интегритет, при што особено се забележани подобрувања во делот на идентификуваните точки на ризици од корупција, како и преземени конкретни чекори за спречување судир на интереси меѓу кои и изречени дисциплински, но и откази за царински службеници кои постапувале спротивно на законите“, рече директотот на Управата.
Во изминатиот период, нагласи Николовски, заеднички покажавме дека институциите можат да бидат двигател на позитивни промени кога се водат со визија, а тимската работа е ставена во прв план.
„Не зборуваме веќе за индивидуални успеси – Царинската управа стана симбол на институционален капацитет што колективно испорачува резултати“, рече Николовски.
На настанот присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, министерка за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Трајко Славески, вицепремиери, министри, директори, пратеници, претставници на бизнис заедницата.
„Царинската управа во изминатата година јасно покажа дека може да биде сервис на државата, на граѓаните и на стопанството. Тоа е и основната цел на секоја државна институција – да служи со ефикасност, отчетност и транспарентност“, рече денеска инистерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Во обраќањето на настанот насловен „Една година резултати“ на кој Управа даде отчет за сработеното во изминатата една година, Димитриеска-Кочоска потенцира дека бројките се импресивни и дека се јасен доказ за посветеното, професионално и транспарентно работење на оваа институција.
„Тие се резултат на вложен труд, визија и соработка и претставуваат уште една потврда дека кога институциите се водат од луѓе со интегритет и одговорност, успехот е неминовен. Особено сакам да го потенцирам значајниот раст на увозните давачки, кои покажуваат двоцифрена стапка на пораст во текот на годината, тренд кој започна уште во минатата година со доаѓањето на новото раководство. Последните податоци покажуваат зголемување од дури 16% во споредба со истиот период минатата година – и тоа не е случајност. Тоа е резултат на конзистентна примена на законите и унапредени процеси“, истакна министерката.
Овој позитивен тренд, дополни, е доказ дека кога има систем што функционира и каде луѓето ја разбираат својата улога и одговорност, резултатите не изостануваат.
„Очекувам и верувам дека оваа динамика ќе продолжи и понатаму, и дека Царинската управа ќе продолжи да биде столб на стабилноста и поддршка на фискалната дисциплина во државата“, истакна министерката.