недела, 14 декември 2025

Николовски: Коридорот 10 е приоритет на Владата

Јавното претпријатие „Македонија пат” има наследени милионски долгови и потребно е итно да се консолидира за да добиеме подобро одржување на патишата. Веднаш после изборите планираме негова целосна реконструкција, вели потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.

Објавено на

часот

Сподели

„Претпријатието е во многу лоша состојба, има наследени долгови од минатото од 27-28 милиони евра. Со таков товар тоа претпријатие не може да ја врши својата работа. Целосно реконструирање на Македонија пат е приоритет и се надевам дека наредното лето кога ќе се видиме и ќе можеме да зборуваме за многу подобро одржување на патиштата“, истакна Николоски во интервју за ТВ Канал 5.

Приоритет за одржување, нагласи вицерпремиерот, се сите патни правци, вклучително и тие кои водат до помалите населени места, а во однос на обнова, приоритет е Коридорот 10 и скопската обиколница.

„Оној дел кој што оди од Демир Капија, преку Неготино, Велес, Скопје, Куманово и граница со Србија, веќе е зрел за реконструкција, така што таму се работи на проект за реконструирање. Обиколницата на Скопје, се направија некои интервенции, но е потребна целосна реконструкција и таму“, истакна Николоски.

Тој нагласи дека на крајот од мандатот на оваа Влада, Македонија ќе биде лидер во инфраструктура во регионот, потенцирајќи ги сите инфраструктурни објекти на кои се работи во моментов низ целата држава.

„Во Македонија се сечат два паневропски коридори. Двата паневропски коридори и 8 и 10, ќе бидат целосно покриени со автопат или со експресен пат и ќе бидеме во многу напредна фаза во градба на брза пруга на коридорот 10 и на реконструкција и градба на коридорот 8, што ниту една друга држава во регионот го нема. Да не зборувам за аеродромите, двата растат од квартал во квартал, така што кога ќе ја видите таа перспектива, мислам дека 2028 година ќе сме апсолутен лидер во регионот“, потенцира Николоски.

Тој вели дека изградбата на новите автопатишта од страна на конзорциумот „Бехтел и Енка“ се одвива според планираната динамика, со исклучок на трасата Требеништа–Ќафасан, каде работите се стопирани поради забелешки од УНЕСКО. Во изградба се делниците Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани и Прилеп–Битола.

„Динамиката е согласно планираното, со едно одлагање од две години, од причина што тие две години од претходната Влада не беше изградено ништо. Ние кога дојдовме речиси и да немаше направено експропријација. Првото воведување во работа и на Тетово-Гостивар и на Гостивар-Букојчани и на Прилеп-Битола, беше во мандат на оваа Влада, но сега е динамиката добра и оди добро“, истакна Николоски.

Во однос на автопатот Требеништа–Ќафасан, Николоски посочи дека неговата изградба е дел од извештајот на УНЕСКО за Охридскиот регион, иако самиот регион не е ставен под закана.

„Останува прашањето со Требеништа-Ќафасан, имајќи предвид дека изградбата на овој автопат и официјално беше во извештајот на УНЕСКО за Охридскиот регион, иако овој дел не е во опасност, но остана дел од извештајот“, дополни тој. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ