Како што се наведува во соопштението денеска од Министерството за транспорт, покрај вицепремиерот Николоски, членови на координативното тело се и министрите: за надворешни работи и надворешна трговија, за енергетика, минерални суровини и рударство, за дигитална трансформација и за здравство, како и директорот на Македонски железници-Инфраструктура, генералниот секретар на Владата и државниот првобранител, а телото може да кани и други гости по потреба, кои ќе ја следат реализацијата на договорот помеѓу Македонија и Велика Британија.
Министерот Николоски додава дека на вчерашната владина седница е направен и првиот чекор, за отпочнување на проектот за изградба на брза пруга на коридорот 10, од границата со Грција до границата со Србија.
„Имено Владата на предлог на Министерството за транспорт, донесе одлука, со која се задолжува Министерството за финансии, на меѓународниот финансиски пазар, низ една отворена и транспарентна процедура, да изнајде финансии за спроведување на овој проект. Должината на пругата треба да се некаде над 200км., истата треба да е двоколосечна, во патничкиот сообраќај треба да има брзина од 160км/ч, а во карго сообраќајот треба да има брзина од најмалку 120км/ч и рокот за реализација треба да е некаде 5 години. Очекуваме во текот на летните месеци да имаме поконкретни детали околу финансирањето на проектот, и секако да одиме кон фаза на избор на изведувач, којшто би почнал уште од оваа есен да работи на теренот. Ќе работиме во заеднички проект, каде што и проектирањето и изведбата ќе бидат од еден изведувач и најверојатно ќе се оди според FIDIC-правилата или според така наречен жолт FIDIC. или според така наречен среден FIDIC“, изјави вицепремиерот Николоски, се вели во соопштението.