Таа помина низ „инквизициски процес“ на охридско-битолското судство, за кое често се спомнува дека правдата е последното нешто што таму може да се најде. Судот во Охрид, а потоа и во Битола, во премногу сомнителна и очигледно, според образложението на пресудите, наместена постапка ѝ го одзедоа старателството на мајката. Пресудија детето да се даде на таткото од Охрид, со апсурдни образложенија дека е подобро да биде со него зошто има пари, дека детето треба да е кај таткото зошто имаат ист пол, до тоа дека помалите места се подобри за одгледување дете. За мајката нема ништо во пресудата. Судии кои се потпишаа на ваквите пресуди се Ефтим Попевски од Охрид и Жаклина Доведен, која по пресудата стана претседателка на Апелациониот суд во Битола.
„Искрено сакам да кажам дека многу е тежок и болен самиот процес на прифаќање на разводот сам по себе и на еден нов живот на сам родител, меѓутоа, мојата борба не завршува тука, бидејќи од таму од каде што дојдов и завршив една приказна сѐ уште носам страв – во текот на целиот процес на еден развод се повторуваат истите закани, истите стратегии, истите дела, само за да се одземе моето дете. Се прашувам каков е тој судски систем кој си зема право да донесе одлука за одземање на дете од мајка, а притоа да нема ниту еден релевантен аргумент за да го направи тоа. Дали е таа одлука само врз база на едни лажни изјави кои се презентирани само од едната страна чија цел е многу јасна. Поставувам прашање до истите судии и до тој родител – како може, дали се свесни што сѐ може да предизвикаат со ваква одлука, страв кај едно дете кое е на четиригодишна возраст и кое е навистина многу поврзано со мене како мајка уште од самиот почеток. Познавајќи се себеси и познавајќи го моето дете знам каква траума предизвикува ова решение…. да се оддели дете, да се оддели дете од мајка.. Дали е ова порака кон сите жени, пред сѐ мајки, едноставно да задржат еден лош брак само за да не си ги изгубат своите деца. Искрено се надевам дека сѐ уште има совесни и чесни луѓе во Врховниот суд. Мојот предмет сега е таму и се надевам дека врховните судии се отпорни на секаков вид влијанија и поткуп и ќе имаат можност ваквиот начин на донесување одлуки кои се целосно под притисок и корумпираност да го променат“, изјави Невена Спасеска, мајка на четиригодишното дете кое судот ѝ го одзеде без ниту еден аргумент.
„Во врска со предметот за старателството над малолетно четиригодишно дете, во кој со правосилна и извршна одлука на Основниот суд Охрид припадна на неговиот татко од Охрид, поднесена е ревизија пред Врховниот суд на РСМ. Очекуваме судот да ги цени сите истакнати наводи бидејќи во текот на постапката се сторени повеќе суштествени повреди, а исто така и погрешно е применето материјалното право. Во нашата држава има јасни законски одредби кога и во кој случај можe да се одземе дете на 4 годишна возраст кое е поврзано со неговата мајка, а која е личност која ги исполнува сите родителски капацитети. Како правен тим кој стои зад мајката Невена Спасеска веруваме дека Врховниот суд ќе донесе законита одлука и ќе дозволи да се исправи неправдата која е нанесена кон ова дете“, наведуваат од адвокатскиот тим на мајката за А1он.
Во законот пишува дека дете може да биде одземено од мајката доколку таа има психички проблеми, доколку е нарко зависник или пак е алкохоличарка. Невена Спасеска не е ништо од ова. Напротив, таа е успешна жена и одлична мајка. Судот во Охрид ниту судот во Битола не наведоа во пресудата зошто четиригодишното дете го одземаат од мајката со која е многу поврзано, не наведоа зошто дететото не смее да биде со неа. Напротив тие наведуваат во пресудата дека таа е добра и грижлива мајка, но сепак одлучуваат да го дадат на таткото.
Пресудите на двајцата судии се целосно неиздржани и сомнителни од повеќе причини: -Судот пресудата ја темели на мислењето на Центарот за социјални работи во Охрид кој не беше надлежен за мислење, туку тоа беше центарот од Скопје. Центарот во Охрид напиша дека детето треба да се додели кај таткото, а Центарот за социјални работи од Скопје, кој е надлежен за мислење, сметаше дека детето треба да остане со мајката. Поради своеволно постапување беше разрешен и директорот на Центарот за социјални работи во Охрид, а Министерството за социјална политика му поднесе кривична пријава.
-Во предметот има дискутабилно вештачење на лекар, за кој одбраната наведе дека бил без лиценца за да вештачи во овој предмет.
-Со мајката никој не разговараше, никој не ѝ зеде изјава, ниту пак има образложение зошто не ѝ се дава старателството. Центарот за социјални работи во Охрид со неа не воспостави контакт, а напиша мислење дека детето треба да се додели на таткото.
-Како сведоци се појавуваат соседи на таткото чии изјави се како од времето на инквизицијата-слушнале расправија додека го шетале кучето и слични глупости.
-Во пресудата се наведува ставот на одбраната дека таткото е осудуван за семејно насилство, меѓутоа судот не го зема тоа како аргумент при одлучувањето. Таткото и лажно ја пријавил мајката дека го малтретира детето за што бил казнет со 250 евра
-Судијката Жаклина Доведен смени судија во Советот и стави кривичен судија за овој предмет кој немаше ниту време да го прочита предметот пред да гласа, пишува А1он.