На расправата беше нагласено дека се работи за важен закон затоа што работата на Судскиот совет треба да ја гарантира независноста на судството во државата, особено што владеењето на правото и хармонизацијата на правниот систем на Македонија со правото на ЕУ се важна точка на нашиот напредок кон европското семејство.
„Во изминатиот период Судскиот совет се соочи со одредени предизвици што беа нотирани и во извештајот на ЕУ од 2023 година, по што беше направена оценска мисија која даде 40 препораки и тие се земени предвид од страна на работната група која го изработи предлог-законот за Судски совет. Ова е клучен закон затоа што подетално ја уредува постапката за избор и за разрешување на членови на Судски совет, за избор разрешување на судии, дисциплинска нивна одговорност, за следење на нивната работа. Заклучоците од денешната расправа ќе бидат доставени на ЕНЕР каде се наоѓа и предлог-законот и очекуваме тие да бидат во насока на унапредување на текстот на законот којшто го изработи работната група при Министерството за правда“, истакна Александра Груевска Дракулевски, претседателка на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија.
Законот за Судскиот совет е еден од реформската агенда и предвидено е тој да биде усвоен до крајот на јуни оваа година, а покрај него има и пакет на други закони кои треба да бидат и пуштени во јавна дебата и дефинирање на одделни нови решенија, како што се законот за јавното обвинителство, законот за судови, законот за судскиот буџет и други.
„Уште од почетокот на работата по овој закон се одеше стриктно по препораките на оценската мисија кои бараат одредени измени и во самиот закон, но и за други подрачја како што е прашањето на уставни измени, односно статусот, положбата, функциите на Судскиот совет, што сега во оваа фаза не е опфатено со активностите на Министерството за правда. Треба да се отвори дебата што поскоро за тоа какви измени ни требаат и на самиот Устав за да се зајакне позицијата на Судскиот советот во однос на отчетноста, на транспарентноста и така натаму, како и за зајакнување на независноста на судството“, истакна академик Владо Камбовски, кој е член на Извршниот одбор на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија.
Целта на научно-стручната расправа е да се направи оценка дали решенијата што се предложени кореспонидраат со препораките на оценската мисија, односно дали добро е дефиниран изборот на членови на Судскиот совет, прашањата за дисциплинската и другата одговорност, разрешувањето на членовите, оценувањето на судиите и нивната одговорност, прашањето за независниот судски буџет и независноста на Судскиот совет во располагањето со средствата.
„Прашањето за судската заштита, кое во дадениот предлог форсира заштита на правата во однос на разрешување и други постапки пред Управниот суд, според мене е проблематично прашање. Мораме прво да ја создадеме легислативната основа, меѓутоа на крајот клучот е во самите луѓе кои се избираат и кои ги вршат функциите, односно интегритетот на судиите и на членовите на Судскиот совет. Самиот закон може да постави одредени рамки, но веројатно дека сите овие искуства што ги стекнавме во овој период ќе влијаат врз тоа како да се посматра во улогата на судството воопшто во општеството“, додаде Камбовски.
Тој оцени дека е направен исчекор со тоа што сите кандидати за членови на Судскиот совет предложени во Собранието треба да одат низ постапка на јавно интервју со што ќе се проверат нивната стручност, знаења и ставови во однос на судството, но останува да се доразвијат некои детали. Според него сегашното решение е доста флуидно и не гарантира дека секогаш во Судскиот совет ќе има универзитетски професори и истакнати правници. Со разнородната структура на Советот ќе се намали политичкото влијание и заобиколувањето на одредбите за тоа кој ќе биде избран за судија.