понеделник, 16 февруари 2026

Намалена матноста на водата на изворот Шум, забраната за користење останува

Нивото на заматеност на водата на изворот Шум, од каде што се снабдуваат со вода Струга и околните населени места, се намалува, но сè уште е над дозволеното и забраната за секаква употреба продолжува.

Објавено на

часот

Сподели

Денешните мерења на Центарот за јавно здравје – Охрид покажуваат 3,62 отсто матност на мострите од изворот Шум. Во градот матноста се движи од 3,69 до 2,75 процента, а најниска матност има во селата Заграчани 1,98 и Ложани 1,93 отсто.

За да биде дозволена за користење, според д-р Лидија Симоноска, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центарот за јавно здравје – Охрид, максималното ниво на матност треба да е 1,5 процент.

„Матноста на водата од струшкиот водовод иако, е значително намалена, сè уште е над дозволеното. Десетпати е пониска од проверката на првите мостри земени на 9 февруари. Очекувам до петок да се намали, односно да е во границите на дозволеното“, изјави Симоноска.

Водата од струшкиот водовод една недела е забранета за секаква употреба поради многу висока заматеност на изворот Шум и на сите мерни места во градот. Првите мостри земени од изворот Шум на 9 февруари покажале 28,56 проценти матност, мострите од 11 февруари 10,17 отсто, а на 13 февруари беше намалено на 7,3 проценти.

Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторените кривични дела против животната средина и природата по енормното загадување на водата за пиење и за основни животни потреби.

Градоначалникот Менди Ќура најави дека приватна институција ќе ги утврдува причините што довеле до високо ниво на заматување на изворите на Шум.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ