Овој процес ќе биде целосно усогласен со шесте фундаментални вредности на Европската Унија, кои претставуваат темел на секоја јавна политика и образовна стратегија: почитување на човековото достоинство, слобода, демократија, равноправност, владеење на правото и почитување на човековите права.
Во рамки на ова усогласување, ќе се спроведе институционален и јавен дијалог со цел дефинирање на приоритети кои ќе ги рефлектираат потребите на македонското општество, а притоа ќе бидат во согласност со европските стандарди и нашите национални вредносни определби.
„Во тој контекст, Националната агенција изразува јасна и недвосмислена определба дека во рамки на националните приоритети нема да се поддржуваат политички конструкции на т.н. ‘родова идеологија’, кои немаат научна основа, ниту се дел од обврските преземени од државата“, се вели во соопштението на Националната агенција.
Притоа, се нагласува дека агенцијата останува цврсто посветена на: унапредување на половата еднаквост; поголема вклученост на жените од социјално загрозени семејства и маргинализирани средини; поддршка за нивно учество во меѓународни образовни програми и пристап до високо образование, како предуслов за трајно надминување на системската сиромаштија и нееднаквост.
„Оваа насока е целосно усогласена со хоризонталните приоритети на ЕУ, како инклузија и диверзитет, зелена агенда, дигитална трансформација и граѓанско учество и европските документи за еднакви можности и не подразбира наметнување на идеолошки ориентации спротивни на културните, општествените и уставните норми на Република Македонија“, се вели во објавата на Националната агенција.
Притоа, Националната агенција упатува повик до сите засегнати страни – универзитети, училишта, граѓански организации, младински структури, бизнис сектор и поединци – активно да се вклучат во процесот на консултации, со свои предлози и визија за иднината на европските образовни програми во нашата земја.
„Само заедно можеме да изградиме праведна, инклузивна и достоинствена перспектива за нашите ученици, студенти и граѓани“, порачуваат од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.