понеделник, 23 февруари 2026

На ГП Блаце уапсен е Артан Груби

МВР утрово на граничниот премин Блаце го уапси Артан Груби, поранешен вицепремиер во владата на СДСМ и ДУИ кој во Македонија се гони за проневера со Државна лотарија. Груби и поранешниот директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами се осомничени за сторен криминал од 8 милиони евра преку нарачка на ВЛТ апарати. Груби ја напуштил државата во декември 2024 година, непосредно пред да почне полициската акција против него.

Објавено на

часот

Сподели

Откако станал недостапен за органите на прогонот, на Груби му бил одреден 30-дневен притвор во отсуство. Се претпоставува дека целиот овој период Груби бил во Косово каде заминал со возило со дипломатски таблички во придружба на познат бизнисмен.

Груби како раководител на владина седница го одобрил барањето за ВЛТ апаратите иако знаел дека јавната набавка е незаконска и дека Лотарија нема право самостојно да организира електронски игри на среќа. Ревизијата покажа дека над 180 милиони денари или близу 3 милиони евра биле спорни во Државната лотарија, дека имало невалидна или неуредна документација.

На владина едница со која раководел Груби било донесена одлука со која се отуѓи државно земјиште на фирмата на сопругата на Димитар Ковачевски за изградба на фотоволтаици по цена од 70 денари за еден квадратен метар.

Груби од 9 декември 2024 е на црната листа на САД поради „вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси“, поради негова поврзаност со застареноста на предметот „Таргет-Тврдина“.

По бегството, од неговата партија ДУИ соопштија дека Груби треба да се појави пред органите на правдата и да го расчисти случајот, а воедно и да се повлече од јавниот и партискиот живот.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ