Јаневска на денешната работна средба за изработка на новата национална стратегија за 2026 до 2032 година појасни дека овој документ треба да обезбеди поголем квалитет во образовниот систем, развивање на дигитални вештини, постигнување еднаквост, како и стекнување на знаење компетенции кои ќе одговараат на пазарот на труд, но и на глобалите промени на образованието.
„Овие цели се потребни за со нашиот човечки капитал да бидеме рамноправен партнер со сите останати земји“, децидна беше министерката.
Оцени дека креирањето на националната стратегија е сложен процес.
„Ова е сложен процес и ќе потрае, не е лесен, но јас сум сигурна дека на крај сите заедно ќе извадиме еден навистина добар продукт кој ќе обезбеди квалитет и иновации во образовниот систем. Во новата национална стратегија – она што сме процениле дека досега било добро ќе продолжиме да го имплементираме, а она што не ги дало очекуваните резултати од претходната стратегија ќе го модифицираме, ќе додадеме нови елементи, бидејќи не можеме да стоиме во место, мора да се прилагодуваме на глобалните потреби. Така што, овој документ треба да обезбеди еден континуитет во стекнување повисок квалитет во обраозванието“, изјави Јаневска.
Одговорајќи на новинарско прашање дали во новата национална стратегија ќе биде земена предвид и забелешката на УНИЦЕФ дека децата во основно образование немаат доволен број на часови во однос на европскиот просек, министерката рече дека е потребна оптимизација и дека мора да се воведе подолг престој на учениците во училиштата.
„Во повеќе од 150 училишта веќе работат во една смена. Летово ќе имаме голема акција- надграбда на две до три училници – почнуваме со оние училишта во кои се потребни само по две – три или четири училници. Тој план веќе е направен, ќе има и во Скопје и надвор од Скопје – почнуваме со доградба на две училници за да можеме да почнеме да ја спроведуваме акцијата“, појасни министерката.
Прашана за врсничкото насилство во училиштата, министерката Јаневска посочи дека во рамки на ингеренциите, Министерството за образование и наука има обезбедено програми и обуки за наставниците.
„Сите информации кои стигнуваат до министерството се проследени, но морам да ве потсетам дека училиштата припаѓаат на општините. Тие треба да водат грижа за овие процеси, но нашата ингеренција е да понудиме програми, помош во решавање на овие проблеми. Инволвирани сме, имаме направено програми – тоа не се само наши, тие се направени со наши странски партнери, обезбедени се и обуки со наставниците, училиштето има стручен тим, кај кој се пријавува… Како министерство не можеме да го знаеме секој поединечен случај , доколку се пријави ние ќе ги алармираме институциите“, одговори Јаневска.
Германската амбасадорка Петра Дрекслер оцени дека овој настан одбележува почеток на еден многу важен процес.
„Германската влада ја поддржува земјата, особено во процесот на евроинтеграцијата, модернизацијата, и особено реформите во образовниот систем. Македонската влада утврди дека има голема потреба од развој на човечки капитал, тие се оние посебни столбови кои се најбитни за процесот на европската интеграција да продолжи понатаму. Она што е многу важно е развојот на стручното образование и обука, коешто е еден од главните елементи во новата стартегија со кои се разгледуваат сите оние прашања поврзани со пополнување на празнините во развојот на вештините, усогласувања на побарувачката и потребите на економијата“, изјави Дрекслер.
Претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Миле рече дека се оптимисти оти оваа стратегија ќе придонесе со новини и ќе обезбеди континуитет од претшколска возраст, сè до завршувањерто на средното обраозвание и дека националната стратегија е одлична можност образовниот систем да ги надгради и да биде во тек со новите технолошки настани, новите трендови на вештачката интелигенција и да го надгради целиот образовен систем.
„И она што е најважно е дека сите овие работи заедно ќе придонесат кон подобри резултати и подобар образовен систем“, оцени Миле.
Во однос на обезбедување подолг престој на учениците во училишните клупи, таа посочи дека УНИЦЕФ работи со Министерството за обраозвание со цел оптимизација на целата мрежа и ги разгледува сите можни аспекти во однос на финансирање и човечки ресурси заради обезбедување соодветна работа на смени и останување на децата во училиште онолку часа колку што е потребно.
Ана Црнешова, претставничка од УНДП, овој настан го оцени како историски.
„Денеска престојуваме тука на овој историски настан на којшто се потпишува меморандумот за разбирање за новата стратегија за образование и УНДП се горди што можат заедно со своите партнери да го поддржат овој процес. Образованието претставува основа за меѓународен развој и во еден ваков денешен свет, во којшто имаме брз развој на технологија, вештачка интелегенција…, клучно е децата да бидат во тек со тие трендови и настани. Исто така, образованието го поврзуваме со наоѓањето на работни места, што значи ако имате добро образование, имате пристап до добри работни места и ќе можат младите да се задржат во својата земја“, изјави Црнешова.