На конкурсот право на учество имаа сите ученици од четврто до деветто одделение од основните училишта и од прва до четврта година од средните училишта. Во зависност од возраста и наставниот јазик, беа дадени четири теми, а пристигнаа вкупно 323 апликации.
Како што информираат од Министерството, во категоријата на ученици од четврто до шесто одделение, кои се натпреваруваа на тема „Мојот македонски јазик е како виножито, полн со бои и зборови“, првото место го освои ученикот Лука Стојановиќ од ОУ„Видое Подгорец“ с.Колешино, Ново Село.
Во категоријата на ученици од седмо до деветто одделение кои пишуваа на тема „Мојот македонски јазик- мој идентитет, културно наследство и аманет“, првото место го освои есејот на ученичката Ива Јосифовска од ОУ„Гоце Делчев“- Прилеп, додека на истата тема, помеѓу учениците од прва до четврта година средно образование, првонаграденa е ученичката Тијана Атанасова од СОУ„Јосиф Јосифовски“- Гевгелија.
Ученичката Рига Куртај од ОУ„ 25 Мај“- Гази Баба е победник во категоријата на ученици од четврто до шесто одделение кои учат на наставен јазик различен од македонскиот јазик, а се натпреваруваа на тема „Македонскиот и мојот мајчин јазик се пријатели“.
Учениците од седмо до деветто одделение кои учат на наставен јазик различен од македонскиот јазик пишуваа на тема „Македонскиот јазик и мојот мајчин јазик се богатство кое не тежи, туку возвишува“, а најдобар е есејот на ученичката Ерина Бајрами од ОУ„ Наим Фрашери“ – Куманово. Додека на истата тема, меѓу учениците од прва до четврта година од средните училишта кои учат на наставен јазик различен од македонскиот, првонаграден е есејот на ученикот Аљдин Мурати од ДУРДМОВ „Димитар Влахов“- Кисела Вода, напишан на брајово писмо.
„Јазикот е душата, идентитетот и светогледот на еден народ. Не е само средство за комуникација, туку е и симбол на индивидуалноста и уникатноста. Да го почитуваме и да продолжиме да се грижиме за развојот на македонскиот, но и на сите други јазици на кои говорат граѓаните на Македонија“, се вели во соопштението на МОН.